Министерството за транспорт почна постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот „Беса Транс“ по сообраќајката на нивниот автобус во Бугарија во кој според првичните информации починаа 45 лица, бидејќи од досега добиените сознанија превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за конкретното возило, информираше вечерва на прес-конференција ресорниот министер Благој Бочварски.
Во системот на Министерството за транспорт и врски, конкретниот превозник е заведен со 4 возила кои поседуваат лиценца за превоз. Според Законот за превоз во патниот сообраќај, превозникот може да започне да врши превоз на патници во внатрешни и меѓународен патен сообраќај, откако ќе добие лиценца и извод од лиценца за моторно возило. По добиените информации од Министерството за внатрешни работи за опожареното возило, констатиравме дека истото не било пријавено од страна на превозникот и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски, рече Бочварски.
Контролата и надзорот над превозот на патници и стоки во домашниот и меѓународниот патен сообраќај, потенцираше Бочварски, е надлежност на Државниот инспекторат за транспорт. Владата на денешната седница го задолжила Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор.
Превозникот е должен веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена, да го извести Министерството за транспорт и врски за сите промени настанати во поглед на исполнувањето на условите. Бидејќи од досега добиените сознанија дека превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за конкретното возил, Министерството за транспорт и врски како надлежен орган, отпочна постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот, рече Бочварски.
Бочварски истакна дека превозникот до Министерството за транспорт и врски доставил барање на 18.07.2018 година за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Кон барањето била доставена целокупна уредна документација со важечки потврди за исполнување на техничко-експлоатационите услови со еуро стандард на возилата Еуро 3 стандард и Еуро 4 стандард. Со барањето за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, превозникот ги исполнил условите за добивање на лиценца и издадена му е лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници со важност од 08.08.2018 година до 08.08.2022 година, истакна Бочварски.
OhridNews