Во водите на Охридското Езеро денеска беа пуштени околу 9 000 парчиња подмладок на јагула, од околу 25 000 единки, со кои годинава ќе биде извршено вештачко порибување на езерото.


Младите јагули кои имаaт тежина од едвај 30 грама, потекнуваат од Грција, а пред да бидат пуштени во езерото тие го минаа неопходниот тринеделен карантин.

Јагулата се повеќе ја има во Охридското Езеро и обврска на ЕЛЕМ  е да го врши вештачкото порибување бидејќи се прави помор со турбините на хидроцентралите , истакна државниот инспектор Ванчо Димитриевски.


Од друга страна директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски вели дека јагулите не завршуваат во турбините од хидроцентралите, бидејќи се поставени мрежи и решетки кои спречуваат да дојде до тоа.

-Овие јагули завршуваат пред се во Охридското Езеро и во момент кога ќе постигнат адекватна тежина ги консумираат љубителите на оваа риба, рече Чингоски.


ЕЛЕМ традиционално врши вештачко порибување со јагула на Охридското Езеро бидејќи со изградбата на хидроцентралите на Дрим пред околу 4 децении прекинат е природниот пат по кој оваа риба минуваше за да стигне до Саргасовото Море, каде се мрести.


Годинава за вештачкото порибување ЕЛЕМ издвои 2,5 милиони денари за набавка на 835 килограми подмладок на јагула. Денеска во езерските води во близина на пристаништето беа пуштени околу 300 килограми, а порибувањето ќе продолжи и утре кај Пештани и на други локации.

OhridNews