Принцот Вилијам и Кејт Мидлтон денеска пред околу 2.000 гости ќе ја крунисаат 10-годишната врска на церемонијата која многумина ја нарекуваат „венчавка на векот“, пренесува „Макфакс“.
Вилијам (28) и Кејт Мидлтон (29) ќе го кажат судбоносното „да“ во Вестминстерската опатија која специјално за оваа прилика е украсена со цвеќе азалеја, рододендрон, вистерија и јоргован. Двојката ќе се венча под крошно дрво заради што во опатијата се внесени големи саксии со стебла на јавор и граб.
Иако многу детали во врска со свадбата се држат во тајност, како фустанот на невестата за кој што се знае дека ќе го дизајнира британски креатор и дека ќе биде направен од британски материјал.
Се знае дека невестата ќе носи бурма направена од велшко злато, што е традиција во кралското семејство од 1923 година. Принцот Вилијам уште претходно рече дека нема да носи бурма. Невестата се очекува да дојде на венчавката со стаклена кочија од 1881 година. На приемот по венчавањето нема да биде служено пиво, на барање на парот кои планираат да останат трезни, а ќе се служи вино, шампањ и канапеи, целер мини јоркширски пудинзи, телешко и колбаси.
Свадбената торта ќе биде овошна на повеќе катови. Наводно е нарачана и чоколадна торта која ќе биде послужена на приемот во Бакингемската палата.
На приемот во Бакингемската палата ќе пее Ела Гоулдинг, додека на журката навечер се очекува Бионсе и нејзиниот сопруг Џе Зи. Авионите на кралската авијација ќе ја прелетуваат палатата по венчавањето и ќе изведуваат трикови додека братот на Вилијам, Хари ќе одржи говор.
Младенците и гостите ќе ги фотографира Хуго Барнард, официјален фотограф на прославата на 60. роденден на принцот Чарлс, како и на неговата венчавка со Камила Паркер.
Околу 5.000 британски полицајци ќе го обезбедуваат венчавањето и полицијата предупреди дека нема да толерира никакви обиди кои ќе ја попречуваат церемонијата.
Најстрасните обожаватели веќе зазеле место пред опатијата и палатата, а се очекува дека на улиците на Лондон, стотина илјади луѓе во живо ќе го пратат преносот на венчавката на огромни видео бимови, додека низ светот две милијарди луѓе ќе го следат ова случување.
Илјадници новинари ќе ја следат „венчавката на векот“, а во престолнината пристигнаа и претставници од останатите кралски семејства, вклучувајќи го принцот Александар Караѓорѓевиќ и принцезата Катарина.
Караѓорѓевиќ ќе ја почитува желбата на младенците кои рекоа дека подароци не им требаат и ги повикаа гостите да дадат пари на некоја хуманитарна организација.
Принцот и Кејт Мидлтон се запознаа на колеџот Сент Ендруз каде двајцата студираа историја на уметност. Романсата започна кога Вилјам ја виде Кејт на хуманитарна модна ревија на која таа носела проѕирен фустан под кој се гледал црниот долен веш. Парот неколку пати раскинуваше, за на крајот да се верат во ноември минатата година.
На венчавката ќе присуствуваат Дејвид и Викторија Бекам, сер Елтон Џон, режисерот Гај Ричи и многу други јавни личности.
Најголемо изненадување се поранешните девојки на Вилјам кои ќе присуствуваат на венчавката, како двете поранешни момчиња на Кејт Мидлтон.
Во случај на развод, Кејт Мидлтон има право да бара паричен надомест, а се проценува дека може да биде и милионски, со годишен додаток кој ќе биде намален доколку Кејт по разводот повторно се омажи.
Богатството на принцот Вилјам се проценува на околу 14.5 милиони евра, а после смртта на кралицата Елизабета ќе наследи скоро 330 милиони евра.
Децата по разводот би му припаднале на Вилјам, а Кејт, како и нејзиното семејство би имале право да ги посетуваат. Доколку ги открие деталите од предбрачниот договор, Кејт би морала да плати седмоцифрен износ како обештетување.
OhridNews
извор: „Макфакс“