Со поздравно обраќање на градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, денеска почна традиционалниот Балкански камп за деца и млади: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески”, на кој учествуваат млади автори, поетски надежи од Бугарија, Србија, Албанија и Македонија.
За поздравување е што и во услови на пандемија се организира една ваква манифестација, дотолку повеќе што на неа учествуваат млади пишувачи, кои верувам ќе најдат инспирација во нашиот Охрид. – рече градоначалникот Георгиески.
Со младите учесници на кампот, ќе работат истакнати поетски автори од регионот, а главен претставник на Светската академија за поезија на УНЕСКО ќе биде претседателот на Одделот за словенскиот свет при академијата, поетот Мајо Данаиловиќ од Белград.
Тој ја прочита специјалната порака на претседателката на светската академија на поезијата на УНЕСКО, д-р Лаура Троиси и одржа пригодна реч за големиот поддржувач на манифестацијата, познатиот поет Петко Шипинкароски, кој повеќе не е меѓу нас. Свое обраќање на отворањето имаше и охридскиот поет Тоде Илиески.
Тридневната манифестацијата се одржува во организација на Здружението “Мацково”, со поддршка на Министерството за култура, општините Охрид и Дебрца и под патронат на Светската академија на поезијата на УНЕСКО.
Сите настани и активности кои се предвидени во рамки на програмата на поетскиот камп, ќе се одвиваат во согласност со мерките и протоколите за заштита од Корона вирусот „КОВИД 19“ и со примена на дигиталните технологии за комуникација.
Г.М.