Во Основниот суд во Охрид, денеска започна судскиот процес против албанскиот државјанин Сетмир Прој, обвинет за предизвикување на тешката сообраќајна несреќа на 25 септември оваа година кај Буково, во која животот го загубија познатите охридски ди-џеи Влатко Пантоски-Пантер и Наумче Аврамоски – Бруце.


Обвинетиот  Сетмир Прој

Сообраќајната незгода се случила во моментот кога возачот на товарно возило-влекач марка ,,Волво“, со албански национални ознаки движејќи се на планинскиот превој ,, Буково“ во правец кон Охрид, преминал на спротивната сообраќајна лента, каде во правец на Ресен се движело патничко моторно возило марка ,,Форд Ескорд“ со охридски регистарски таблици управувано од сега покојниот Влатко Пантоски.  Притоа, дошло до судир помеѓу задниот лев дел од полуприколката на влекачот и предниот лев дел од патничкото моторно возило при што животот го загубија возачот и еден сопатник од фордот.


На почетокот од главниот претрес судот го одби барањето на одбраната за одлагање на рочиштето поради болест на обвинетиот, кој во својот исказ остана на кажаното во истражната постапка. 46-годишниот албански државјанин од Поградец, Сетмир Прој, кој изрази жалење и сочуство на семејствата на настраданите, се пожали на висока температура, поради што беше поштеден од распит.

Пред судот денеска сведочеше Јане Стефанов, кој како сопатник во патничкото возило ја преживеа несреќата. Тој кажа дека во критичниот момент сега покојниот Пантоски го забележал доаѓањето на возилото од спротивна страна пред влегување во кривина во лево. Притоа тој аблиндирал и ја намалил брзината на движење. По разминувањето со предниот дел од камионот во кривината дошло до судир со задниот негов дел кој според негово мислење се наоѓал во спротивната коловозна лента по која се движело патничкото возило, но не беше до крај сигурен, бидејќи како што рече се се случило многу брзо.


Пред судот сведочеа вештаците Цане Георгиески и Кире Николоски. Нивниот увид покажал дека во моментот на несреќата товарното возило се движело со брзина од 83, 9 километри на час во правец кон Охрид. Според вештачењето камионот за да ја совлада кривината навлегол во спротивната коловозна лента, особено со задниот дел не оставајќи простор за разминување, поради што возачот на патничкото возило не можел да ја избегне несреќата.


Судот го прифати барањето на Обвинителството вештите лица да обезбедат дополнителни информации за целосно расветлување на несреќата, како и за добивање на анализите за присуство на алкохол во крвта на возачите во несреќата. Судот го одби барањето на одбраната за ново вештачење и реконструкција. Исто така одбиено беше барањето за ослободување од притвор на обвинетиот.

Судијата Весна Кичеец, која претседава со Судскиот Совет, продолжението на главниот распит го закажа за 12 декември.

Г. Момироски