„Судскиот процес за скандалот поврзан со струшкиот хотел „Изгрев“ почна вчера, но дел од главните актери во целата рашомонијада, претставници на Македонската православна црква, не се на обвинителната клупа. Главни обвинети за криминалот се струшките браќа Димитар и Георги Миладинов. Двајцата, а и другите обвинети ги бранат некои од најдобрите македонски адвокати.
Целата попладневна сесија на првото судско рочиште од судскиот процес со кој раководи судијата Ѓоко Ристов им беше посветен на браќата Димитар и Георги Миладинов. Во претпладневниот дел судот најнапред го констатира присуството на сите петнаесетмина обвинети и на нивните бранители, а потоа се пристапи кон читање на обвинителниот акт поднесен од Одделението за гонење организиран криминал при Јавното обвинителство.
По предлог на Судскиот совет, а со оглед на обемните искази на браќата Миладинови, во салата останаа само адвокатите, а другите обвинети ќе се појават веќе на денешното судско рочиште. Некои од адвокатите предложија нивните штитеници, кои мерката куќен притвор ја издржуваат во своите домови во Струга, во следните денови да останат во Скопје и кај свои блиски, но откако претходно ги достават адресите каде што ќе бидат сместени. На овој предлог, што го прифати судот, немаше противење од јавниот обвинител. Застапникот на обвинението се спротивстави на предлогот на тројца адвокати, кои побараа нивните штитеници да бидат издвоени од оваа судска постапка, односно ним да им биде судено во Основниот суд во Струга.
Својата одбрана првообвинетиот Димитар Миладинов ја започна со благодарност до судот поради, како што рече: „Можноста што му ја дава Судскиот совет, по цели девет месеци минати во притвор да даде одбрана“. Според кажувањето на помладиот брат Миладинов, тој во изминатиов период не можел да даде своја одбрана, бидејќи доказите што ги побарал во текот на истрагата, а што се однесувале на него, не му биле презентирани и дека бараното го добил дури пред два месеца. Димитар Миладинов изјави дека во обвинението не видел негова вина.
Говорејќи за секоја точка од обвинителниот акт, посебно Димитар Миладинов рече дека не само што не ги поттикнувал другите обвинети туку, напротив, барал од нив да работат исклучиво според законот. За обвинетите Менка Опетческа, Светлана Попоска и Мими Нанушевска рече дека се личности „со високи морални квалитети и вистински професионалци“.
За аферите што го следат хотелот „Изгрев“ со години, првообвинетиот Миладинов рече дека на Собранието на доверители на АД „Изгрев“ бил присутен преку неговата фирма „Кимико гардине“, но дека гласал против отуѓувањето на имотот. Димитар Миладинов потврди дека во фирмата „Миладинов“, освен тој и неговиот брат, како содружник се јавува и Македонската православна црква. Според него, одлуката да се јават на лицитација била на МПЦ, бидејќи токму таа стравувала за имотот што можело да биде раскрчмен. За да не дојде до такво нешто, браќата побарале финансиска помош од Охридска банка, но потребите 50 милиони денари за „Изгрев“ што ги добиле со непосредна спогодба биле добиени од бизнисменот Зоран Азманов и неговата фирма „Настел“, и дека договор за заем бил потпишан на 31 мај 2004 година.
За гаранциите добиени од „Енерготуш“ и за кредитот добиен од ЛХБ интернационална банка, Димитар Миладинов рече дека тоа се нивни деловни односи што не можат никако да се подведат под криминал. Првообвинетиот потврди дека земениот кредит не можеле повеќе редовно да го исплатуваат, но дека не бегале од одговорност и дека за таа цел биле потпишувани протоколи и договори со кои требало да се изнајде начин за враќање на парите добиени како кредит. Тој ја обвини банката дека таа не може да не знае за нивните деловни потези, бидејќи учествувала во преговорите што се воделе со потенцијалните инвеститори, а бил и содружник во фирмата „Кимико гардине“.
На прашање од судот дали тој знаел дека АД „Изгрев“ не поседува имотен лист за хотелот, Димитар Миладинов одговори дека не вршел такви проверки, бидејќи му верувал на судот.
Поради недостаток на време, постариот брат, Георги Миладинов, како и другите обвинети во овој голем скандал ќе бидат распрашани на денешното продолжение на судскиот процес“.
„Утрински весник“