Во 50 пописни реони во Северна Македонија денеска почнува Пописот на население, домаќинства и станови. Статистичката операција официјално е почната утрово, а ќе трае до 30 септември, до кога ќе трае и онлајн пописот на дијаспората, што почна на 1 март. Досега во дијаспората се попишани приближно 191.000 граѓани.

Во земјава по 20 години се спроведува попис. Последен пат ваква статистичка операција се спроведе во 2002 година, а надлежните сега уверуваат дека се е подготвено за пребројувањето на населението, домаќинствата и становите, со што ќе се добие точна бројка за населението, каде точно е распоредено, слика за половата, старосната, образовната, економската структура, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вчера на прес-конференција најавувајќи го денешниот старт на пописот истакна дека институциите се подготвени за најголемата статистичка операција во земјава која не е спроведена речиси 20 години и ги повика граѓаните да ги примат попишувачите.

По речиси 20 години, премежја, опструкции и одоговлекувања конечно сме на прагот да започнеме со теренската работа и со собирањето на потребите податоци. Сите подготовки се завршени. Комисите на пописните регони заедно со нашите државни инструктори успешно ги завршија обуките на реонските инструктори и попишувачи и денеска се излезени на терен во обиколка на своите пописни кругови, истакна Симовски.

Министерот за правда Бојан Маричиќ порача дека пописот ќе се спроведе безбедно и оти попишувачите се обврзани доследно да ги почитуваат протоколите.

Попишувањето ќе се спроведе безбедно, почитувајќи ги здравствените протоколи, а попишувачите се обврзани доследно да ги применуваат. Не постои никаква шанса за ширење на заразата. Попишувањето ќе биде безбедно, со најдобра технологија, брзо и ефикасно и инклузивно на сите јазици, кои се говорат во Република Северна Македонија. Никој да не биде изоставен и сите да земат учество за да ја добиеме реалната слика, нагласи Маричиќ.

Имавме подолготрајна кампања, па дојдовме до бројката од над пет илјади попишувачи, а онаму каде што недостасуваа, покриваме со лица ангажирани на договор на дело, бидејќи тие не се во редовен работен однос и нив не им тече стаж, изјави вчера министерот за правда Маричиќ.

OhridNews