Руските сили истрелаа проектили врз неколку градови во Украина денеска и распоредија сили на нејзините јужни брегови, објавија украинските власти, откако претседателот Владимир Путин одобри, како што рече, специјална воена операција на истокот.
Набргу откако Путин зборуваше на руската државна телевизија, можеа да се слушнат експлозии во главниот град на Украина, Киев. Престрелката избувна во близина на главниот аеродром во главниот град, јави новинската агенција Интерфакс, а сирените се огласија над градот.
„Путин штотуку започна целосна инвазија на Украина. Мирните украински градови се нападнати“, објави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер. „Ова е агресивна војна. Украина ќе се брани и ќе победи. Светот може и мора да го запре Путин. Време е да се дејствува“.
Реагирајќи на инвазијата што САД ја очекуваат со недели, американскиот претседател Џо Бајден рече дека неговите молитви се со народот на Украина „додека претрпе неиспровоциран и неоправдан напад од руските воени сили“.
Русија повика на прекин на проширувањето на НАТО на исток, а Путин го повтори својот став дека членството на Украина во Атлантската алијанса предводена од САД е неприфатливо.
Тој рече дека ја одобрил воената акција откако Русија немала друг избор освен да се брани од, како што рече, заканите кои доаѓаат од модерна Украина, демократска држава со 44 милиони жители.
Русија не може да се чувствува безбедна, да се развива и да постои со постојана закана што произлегува од територијата на модерна Украина. Целата одговорност за крвопролевањето ќе биде на совеста на владејачкиот режим во Украина, рече Путин.
Целосниот обем на руската воена операција не беше веднаш јасен, но Путин рече: „Нашите планови не вклучуваат окупација на украински територии. Ние нема да наметнеме ништо со сила“.
Говорејќи додека Советот за безбедност на ОН одржуваше итен состанок во Њујорк, Путин рече дека им наредил на руските сили да го заштитат народот и ја повика украинската војска да го остави оружјето.
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека Русија извршила ракетни напади врз украинската инфраструктура и граничните сили и дека експлозии се слушнале во многу градови. Тој рече дека е прогласена вонредна состојба и дека телефонски разговарал со американскиот претседател Џо Бајден. Вчера беа мобилизирани резервисти.
Медиумите објавија дека воените командни центри во Киев и североисточниот град Харков биле погодени со проектили додека руските трупи навлегле во јужните пристанишни градови Одеса и Мариупол.
Подоцна се слушнаа три силни експлозии во Мариупол.
Сепаратистите поддржани од Русија соопштија дека започнале офанзива врз градот Счастија, што е под контрола на Украина на исток, а експлозии го потресоа отцепениот град Доњецк во источна Украина.
Неколку часа претходно, сепаратистите побараа помош од Москва за запирање на наводната украинска агресија – тврдењата што САД ги отфрлија како руска пропаганда.
МНР на Украина: Ова е чин на војна, напад на суверинитетот и територијалниот интегритет на Украина
Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин најави почеток на нов бран на агресија против Украина. Целта на руската офанзивна воена операција е уништување на украинската држава, насилно заземање на украинска територија и воспоставување окупациска контрола, велат во соопштешнието од на Министерството за надворешни работи на Украина во врска со новиот бран на руска агресија врз Украина.
Руските војски остваруваат напади на мирните украински градови од различни правци, вклучително и од страната на привремено окупираните Донбас и Крим, како и североисточниот регион. Ова е чин на војна, напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, грубо кршење на Повелбата на ООН и основните норми и принципи на меѓународното право.
Украина го активира своето право на самоодбрана во согласност со меѓународното право. Борбениот дух на украинските војници е висок, нашите бранители се подготвени да и дадат решителен отпор на државата агресор и со сите сили ќе ја бранат украинската земја.
Украина ја повикува меѓународната заедница веднаш да дејствува. Само обединети и решителни чекори можат да ја запрат агресијата на Владимир Путин против Украина. Нашите партнери мора веднаш да активираат пакет на нови санкции. Исто така, ги повикуваме и пријателските престолнини да продолжат да ги зајакнуваат одбранбените способности на нашата држава преку обезбедување оружје и воена опрема.
Од нашиот заеднички одговор сега не зависат само животите и безбедноста на украинските граѓани, туку и безбедноста на граѓаните на Европа и иднината на светскиот поредок, се додава во соопштението од Министерството за надворешни работи на Украина.
Путин најави „воена операција“ во Донбас и ги повика украинските војници да го предадат оружјето
Рускиот претседател Владимир Путин најави воена операција во Украина, тврдејќи дека има за цел да ги заштити цивилите. Во телевизиско обраќање, Путин рече дека акцијата доаѓа како одговор на заканите кои доаѓаат од Украина. Тој додаде дека Русија нема цел да ја окупира Украина. Путин тврди дека одговорноста за крвопролевањето е на украинскиот „режим“.
Путин ги предупреди другите земји дека секој обид за мешање во руската акција ќе доведе до „последици кои досега не се видени“. Тој ги обвини САД и нивните сојузници дека го игнорираат барањето на Русија да ја спречи Украина да влезе во НАТО и да и понуди на Москва безбедносни гаранции.
Тој рече дека руската воена операција има за цел да обезбеди „демилитаризација“ на Украина. Путин истакна дека сите украински војници кои ќе го положат оружјето ќе можат безбедно да ја напуштат зоната на борба.
Путин додава дека судирите меѓу украинските и руските сили се „неизбежни“ и оти тоа е „само прашање на време“, пренесува Би-Би-Си.
Само неколку минути претходно, потсекретарот на ОН предупреди дека воената ескалација ќе доведе до „неприфатливо висока цена, човечко страдање и уништување“. Во тек е итна седница на Советот за безбедност.
Зеленски потврди: Русија изврши ракетни напади во Украина и побара прогласување воена состојба
Украинскиот претседател Володомир Зеленски ги потврди дека Русија извршила ракетни напади, јави Би-Би-Си. Претходно медиумите соопштија за голем број експлозии во Украина, за кои се претпоставуваше дека се напади од руската војска.
Зеленски истакна дека Русија извршила ракетни напади врз инфраструктурата на Украина и врз граничарите. Тој, исто така, го повика својот Совет за национална безбедност и одбрана да прогласи воена состојба. Се очекува Советот да одржи итен состанок на кој ќе се реши ова прашање
Советникот на министерот за внатрешни работи на Украина, Антон Герашченко, им изјави за новинарите на официјалната WhatsApp група дека руските војници се истовариле во градот Одеса и ја преминуваат границата кон градот Харков. Герашченко додаде дека имало ракетни напади на аеродромот Василковски во близина на Киев.
Тој исто така рече дека градоначалникот на Днепропетровск Борис Филатов му се јавил да каже дека слушна експлозии.
Амбасадорот на Украина во Обединетите нации, Сергиј Кислица, на итниот состанок на Советот за безбедност предупреди дека е предоцна за деескалација.
Доцна е, драги колеги, да се зборува за деескалација. Рускиот претседател објави војна, рече тој.
Русија вели дека цел на нападите во Украина е воена инфраструктура
Руското Министерство за одбрана негираше дека ги нападнале украинските градови – велејќи дека целта на нападите е воената инфраструктура, воздушната одбрана и воздушните сили е со „високопрецизно оружје“, соопшти државната агенција РИА, пренесува Би-Би-Си.
Киев: Соборивме пет руски авиони и хеликоптер
Украинската војска денеска потврди дека соборила пет руски авиони и хеликоптер на истокот од земјата во близина на енклава под контрола на бунтовниците.
Според командата на Здружените сили, денеска, 24 февруари, во областа на операцијата на Здружените сили, беа соборени пет авиони и еден хеликоптер на агресорите, соопшти Генералштабот на армијата.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека уништило украински воени воздушни бази и системи за ПВО, неколку часа откако рускиот претседател Владимир Путин нареди воена офанзива против соседот на неговата земја.
Воената инфраструктура во воздухопловните бази на украинската армија е исфрлена од акција, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Според нив, системите за ПВО на Киев се „елиминирани“.
Киев го затвори за цивилни летови воздушниот простор над државата
Украина денеска го затвори својот воздушен простор за цивилни летови, наведувајќи висок ризик за безбедноста, додека европскиот авијациски регулатор, исто така, предупреди на опасностите за летање во граничните области на Русија и Белорусија, поради воени активности.
На својата веб-страница, Украинското државна компанија за услуги за воздушен сообраќај соопшти дека воздушниот простор на земјата е затворен за цивилни летови почнувајќи од 0045 часот по Гринич во четврток, со прекин на услугите на воздушниот сообраќај.
Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската унија (ЕАСА) соопшти дека воздушниот простор во Русија и Белорусија на 100 наутички милји од нивните граници со Украина, исто така, може да претставува безбедносни ризици.
Конкретно, постои ризик и од намерно таргетирање и погрешна идентификација на цивилни авиони. Присуството и можната употреба на широк опсег на копнени и воздушни борбени системи претставува висок ризик за цивилните летови кои работат на сите височини и нивоа на летови, соопшти агенцијата во билтенот за зоната на конфликтот.
OhridNews
Извор: Миа