Со концерт на групата „Лугер“ и дуото Викторија и Алмир синоќа во Вевчани беше отворена манифестацијата „Вевчанско лето 2023“.

Вевчанското лето, како што истакна Наташа Кукоска во името на Општината, е манифестација која има за цел да го збогати културниот живот во Вевчани, да ја збогати туристичката понуда, да ги анимира младите љубители на култура, спорт и уметност.

Оваа година ние Вевчанците и туристите кои доаѓаат во Вевчани, ќе имаме можност да уживаме во театарска претстава, која ни гостува од Битола. Тука, во Вевчани кај своите, нашата авторка Верица Мукоска, ќе ја промовира најновата стихозбирка, ќе ги погледнеме делата на вевчанските уметници кои творат од Вевчани за Вевчани, како и делата на уметниците од овогодинешната детска ликовна школа „Вевчански видувања“, посочи Кукоска на отворањето.

И годинава, нагласи, вевчанските деца ќе трчаат непокорни и горди на „Кросот на непокорот“, а ќе настапат и хористите на Византискиот цковен хор од Битола. Вевчанци и гостите ќе имаат можност да се забавуваат и да се насмеат и со Стед ап шоу.

Традиционално, Вевчани ќе дише во ритамот на фоклорот, песната и орото благодарение на Фестивалот на народна култура „Пображење“, а за најмалите вевчанчиња ќе следува богата програма за деца и млади, додаде Кукоска.

Вевчанското културно лето ќе се одржува до 31 август, под покровителство на Општина Вевчани.

OhridNews