Почна лустрацијата на поранешни новинари од МРТВ, објави „Телма“. Прва прогласена за соработник на службите е новинарот на Фокус Јадранка Костова, за емисијата Без наслов но со повод која се емитуваше на МТВ. Иако комисијата за лустрација се уште официјално не го објавува нејзиното досие Костова јавно ја објави причината зошто е лустрирана на денот на годишнината од смртта на нејзиниот колега Никола Младенов. Новинарите реагираат дека ова води кон нивно системско замолчување.

Емисијата Без наслов но со повод која се емитуваше на МТВ, беше причина Комисијата за лустрација да отвори соработничко досие за главниот уредник на неделникот Фокус Јадранка Костова.

„Она што го сметав тогаш за неуспешен обид за полициска местенка, еве, денес, успешно го користат за мое оцрнување. Настанот за којшто знаеше цела информативна програма, нашата транспарентна битка да не ни се подметнуваат етикети, сега добила демек конспиративност, како некакво мое кодошење! Патем, дотичниот организатор немал никакви последици од сето тоа, не бил жртва на целава драмолетка. Напротив, сега јас треба да станам жртва по вкусот на џелатите на преродбата“, појаснува Костова, која деновиве очекува да го добие досието. За да биде иронијата поголема жртвата од нејзиното досие своите ставови ги изнесува во неделникот. За новинаркиот пленум  ова е веќе видено сценарио на власта за дискредитација на професионалците, вели новинарот Ида Протугер.

За претседателот на Комисијата Томе Аџиев нема ништо спорно во лустрирањето новинари и додава дека по барање на сопствениците може да бидат проверени и оние кои работат во приватните медиуми.

-Досега никој од приватните за жал не се пријавил, вели претседателот на комисијата за лустрација.  Предлагачот на законот за лустрација  Стојан Андов е незадоволен од неговата реализација.Во телефонски разговор за Телма вели  дека сега се лустираат луѓе за кои нема докази ниту ги исполнуваат условите да бидат соработници. Сега се лустрираат и новинари и јавни личности без докази.

Од законот за лустрација беа изземени поранешни функционери, претставници на здруженија, невладини организации и претставници на верски заедници.

OhridNews

Извор:„Телма