Почна изградбата на 180.000 станови во областите на југоисточна Турција тешко погодени од разорните земјотреси во февруари. Ова денеска го соопшти министерот за животна средина, урбанистичко планирање и климатски промени Мехмет Јозхасеки, цитиран од државната телевизија ТРТ-Хабер.

Тој додаде дека во моментов се работи на проекти за изградба на уште 140.000 куќи. Јозхасеки истакна дека главен приоритет на новата влада е „нормализирање на животот“ во 11-те окрузи погодени од земјотресите на 6 февруари.

Во земјотресите со јачина од 7,6 и 7,7 степени според Рихтер на 6 февруари загинаа повеќе од 50.000 луѓе, а милиони останаа без покрив над главата во јужна Турција.

Наша цел е да ги сместиме нашите граѓани во нивните нови и безбедни домови што е можно поскоро. Немаме време за одмор. Во таа насока, започнавме со изградба на околу 180 илјади станови во единаесетте области погодени од земјотресите. Од овие домови 120.389 ги гради ТОКИ (Управа за развој на домување на Турција), 21.921 компанијата „Емлак Конут“ и 37.129 рурални куќи ги гради Генералниот директорат за градежни работи, рече Јозхасеки.

Во моментов, посочи тој, се подготвуваат проекти за уште 139.561 куќа. На овој начин до крајот на годинава ќе завршиме 319 илјади станбени единици и на нашите граѓани ќе им обезбедиме безбедни домови.

Министерот додаде дека најмногу куќи ќе се градат во областа Хатај, која буквално беше срамнета со земја при земјотресите.

Се планира новите згради да бидат релативно ниски.

OhridNews