Заврши изборната кампања во која партиите и коалициите ја претставуваа својата понуда пред граѓаните, и на полноќ почна молкот пред неделниот втор круг од Локалните избори.
Правилата за изборен молк важат од 30 октомври, заклучно со 19:00 часот на 31 октомври. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека за време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Вториот круг од Локалните избори 2021 ќе се одржи в недела. Први гласаат лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на КОВИД-19 и оние на кои им е одредена мерка самоизолација и немоќните или болни лица. Тие ќе гласаат во своите домови, а гласањето ќе го спроведе посебен избирачки одбор формиран од ДИК.
Еден ден пред одржување на изборите гласаат лицата кои се на издржување казна затвор или се во притвор, кои гласаат во казнено-поправните домови. Лицата кои се на издржување мерка куќен притвор ќе гласаат во местото каде ја издржуваат мерката, внатрешно раселените лица гласаат во колективните домови и прифатните центри каде се сместени. Еден ден пред денот определен за одржување на изборите гласаат и лицата кои се згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа. Тие ќе гласаат во установата каде се згрижени.
В недела, на денот на изборите, гласањето ќе почне во 7:00 часот, а ќе трае до 19:00 часот.
Ова се седми локални избори за градоначалници во земјата, осми во Охрид.
Во првиот круг беа избрани 32 градоначалници, како и членовите во општинските совети.
Во вториот круг ќе се гласа во вкупно 44 општини, меѓу кои и Охрид. Право на глас имаат 1 353 990 избирачи на 2481 избирачко место. Повторување на гласањето за градоначалник и за совет ќе има на едно избирачко место (0543) во Дебар, а ќе се прегласува и на избирачко место 2957/1 во Шуто Оризари за членови на совет. Управниот суд го поништи гласањето на овие две избирачки места за гласањето од првиот круг на изборите на 17 октомври.
Нема да има гласање за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа бидејќи не беше исполнет законскиот цензус на гласање во првиот круг од изборите да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. За овие две општини ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани бидејќи за нив не е потребен цензус.
На Локалните избори 2021 првпат се воведува уредот за биометриска идентификација на гласачите во постапката на гласање. Според ДИК, тоа треба да ги унапреди изборите во целост и да се обезбеди еднаквост на гласачите врз основа на принципот еден гласач-еден глас.
Поради пандемијата со коронавирусот, гласањето и на овие избори, како и на претходните, ќе се одвива според безбедносни протоколи за заштита на здравјето на граѓаните.
Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати од локалните избори добиени по електронски пат од општинските изборни комисии ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
OhridNews