Петнаесет коалиции и партии со вкупно 1598 кандидати ќе земат учество на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 15 јули.

Традиционално коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ „За обнова на Македонија“, во кампања тргнува од Охрид. Иако најавија дека нема да одржуваат митинзи кампањата на ВМРО ДПМНЕ е теренска со средби со граѓани во повеќе населби, на кои на лидерот Христијан Мицкоски друштво му правеа кандидатите за пратеници од Охрид Кирил Пецаков, Лидија Петкоска и докторката Грација Бакраческа, како и носителот на листата на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ Игор Дурловски. Тие вечерва ќе бидат со охриѓани на плоштадот Св. Климент Охридски.

Паралелно опозициската ВМРО ДПМНЕ почна и онлајн кампања која предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ и кандидатите за пратеници на средба со охриѓани

Комбинирана кампања „тера“ и владејачката СДСМ. Настапот на ВМРО ДПМНЕ во Охрид социјалдемократите го избалансираа со прес – изјава на кандидатот за пратеник Лазе Танески, која беше лиферувана до медиумите.  Покрај Танески, Охрид има уште еден кандидат за пратеник, Жаклина Лазареска.

Инаку, коалицијата предводена од СДСМ „Можеме“ официјално кампањата ја почнува од Струмица.

Кандидатите за пратеници на СДСМ од Охрид кампањата ја почнаа со прес конференција

Свои активности за денеска најавија и Алијанса  за  Албанците, ДПА, Македонски концепт и ИНТЕГРА, додека  ДУИ  кампањата ја почна со промоција на  Насер  Зибери  за  кандидат  за  премиер.

Изборната кампања ќе трае до 12 јули, а гласањето за прв пат ќе се одвива три дена. На 13 и 14 јули под посебен здравствен протокол ќе гласаат болните од Ковид 19 и другите болни, како и изнемоштени лица. Изборите на 15 јули, среда, пак, кои исто така ќе се спроведат под посебен здравствен протокол за заштита од Ковид 19, ќе трааат два часа подолго, односно од 07 до 21 часот.

Редакцијата на OhridNews изборите ќе ги следи согласно сопствениот Правилник јавно пријавен и објавен на официјалната веб страна на Државната изборна комисија. Редакцијата ќе ги следи само настаните за кои смета дека се од важност за јавниот интерес, додека за презентација на партиите на располагање им стои простор за платено политичко рекламирање, согласно официјалниот ценовник и правилата за политичко рекламирање, кои согласно законот, се објавени на веб страната на Државната изборна комисија.

OhridNews