Македонија почна да испушта поголеми количини вода од Охридското Езеро за Албанија, за да се ублажи енергетската криза во оваа соседна земја.
Испустите на Црн Дрим кај Струга се отворени, а преку турбините на ХЕЦ „Шпилје“ кај Дебар веќе почна да се испушта по околу 40 кубни метри вода во секунда за потребите на Албанија, која ова лето минува низ најтешка енергетска криза.
Ваквата мерка, македонската Влада ја презеде по барање на Владата во Тирана, со цел да се зголеми дотокот на вода во реката Црн Дрим, на која се наоѓа и најголемата хироелектрана во Албанија – „Фиерза“.
Вицепремиерот Зоран Ставревски изјави дека одлуката е донесена во знак на добрососедските односи и со цел да и се помогне на владата на Албанија во ублажувањето на кризата.
Тој напомена дека Македонија е во можност да испушта повеќе вода од Охридското Езеро само до 15 септември и дека тоа нема да биде на штета на енергетска состојба на Македонија и хидробилошката состојба на Охридското Езеро.
Г. Момироски