Елитната тајландска единица „Фоки“ објави на „Фејсбук“ дека четири момчиња се извлечени од пештерата во која беа заробени 15 дена. Тие се пренесени во болница во Чианг Раи.

Спасувачката акција за извлекување на 12 деца и нивниот тренер почна утрово во 10 часот по локално време, а првичните проценки беа дека првите деца ќе бидат спасени во 21 часот. За среќа, засега акцијата се одвива добро и децата почнаа да се извлекуваат уште порано од предвиденото, односно до 19 и 47 часот беа спасени 4 деца.

Претходно беше објавено дека фудбалскиот тренер на децата ќе биде извлечен во последната група, заедно со уште две деца.

Тајландската Влада го објави планот за спасување на заробените деца во пештерата. Според него, двајца нуркачи ќе придружуваат по едно момче, а низ пештерата ќе ги влечат со јаже. Кога ќе наидат на тесен премин, нуркачите ќе ги отстрануваат боците со кислород од грбот и ќе ги истркалаат низ премините.