На 1 јуни вo 82-та година од животот почина еден од најуспешните тренери во историјата на фудбалот во Охрид, Зоран Мишиќ. Тој со својата строгост, прецизност и познавањето на фудбалот ги освои срцата и душите на навивачите, но на и фудбалерите од генерацијата на ФК Охрид во 90-те години, кои одиграа маестрално под негова палка во Втората, а подоцна и во Првата фудбалска лига.
Мишиќ кој тренерскиот занает почнал да го пече во Холандија, од клупата ФК Охрид го водеше во два наврати. Во првиот мандат, Мишиќ се задржал една сезона во Охрид (1991/92), додека во вториот на кормилото останал две сезони (1995/96 и 1996/97).
Во првата авантура во ФК Охрид немаше некој забележителен успех. Затоа во втората прво го внесе клубот во ултра квалитетната Прва лига, а сезоната потоа не само што опстана во елитата туку и се замеша за местата во самиот врв на табелата.
Мишиќ за својот втор престој во Охрид во суперлативи зборува во разговор за тогашниот спортски магазин „Езерски информатор“. Легендарниот голман и тренер беше ценет и почитуван во Охрид, а неговата работа е признаена пошироко во нашата земја.
Да ви кажам дека за фудбалски тренер не постои шаблон по кој тој може да биде добар или лош. Јас се одлучив да ја работам оваа работа, бидејќи е неизвесна, необична и непредвидлива. Додека играв во Загреб се одлучив да студирам на Факултетот за физичка култура и можам да кажам дека не погрешив. Животот ми помина со фудбалот и не се гледав во некоја друга струка. Тренерскиот занает го започнав во Холандија учејќи од тренерот и педагог Раоверс кој во тоа време беше многу славен и познат. Тогаш научив дека во еден фудбалски систем мора се да функционира беспрекорно за екипата да победува и бележи добри резултати. Колку што можев сето тоа искуство го пренесував во Охрид и Македонија и се надевам дека играчите многу им помогнав моментално и за кариерите кои ќе ги направат. – изјавил Мишиќ во интервјуто направено на 7 февруари 1997 година.
Насловната страница на локалниот “Езерски информатор“ во 1997 година
На успехот со Охрид му претходеше најголемиот дострел со тимот Балкан со кој Мишиќ се натпреваруваше во Втората југословенска лига, а во македонска фудбалска селекција предводена од Ѓоко Хаџиески тој беше помошник тренер.
OhridNews