Познатиот македонски пејач, кантавтор, композитор, глумец и шоумен, Зафир Хаџиманов, почина денеска во 78-та година од животот од последици од коронавирусот, јавуваат медиумите во Србија.
Зафир Хаџиманов кој најголемиот дел од животот го мина во Белград, зад себе остави големи музички хитови, ја освојуваше публиката во екс Југославија. Добитник е на голем број фестивалски награди во поранешната држава, но и на интернационални награди. Од неговите песни најпознати се: „Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, „Од љубов не се бега“ итн.
Глумел во повеќе филмови (Македонска крвава свадба, Нож…), настапувал во бројни шоуа и театарски претстави и мјузикли. Автор е на првиот македонски мјузикл „Ало будење“ и амбасадор на културата на Македонија.
Настапувал на сцени ширум светот, во Бољшој театарот, Опера хаус, Олимпија во Париз… Исклучителен успех имаше во поранешен СССР и Куба. Паралелно со музиката Зафир пишува и објавува поезија на македонски и српски јазик. Зад себе остави и 5.000 записи од македонски изворни песни.
Зафир Хаџиманов беше оженет за пејачката Сенка Велетаниќ, со која го има синот Васил, кој исто така е музичар.
OhridNews