Лоренс Фосет, 58-годишен пациент со терминална болест на срцето и второто лице кое прими генетски модифицирано срце од свиња, почина на 30 октомври, се вели во соопштението од Медицинскиот центар на Универзитетот во Мериленд во Балтимор, каде е извршена трансплантацијата.

Фосет имаше трансплантација на 20 септември и живееше шест недели – пократко од првиот примател, и покрај дополнителните мерки на претпазливост во Мериленд. На почетокот Фосет добро закрепнуваше од операцијата.

Одеше на физикална терапија, поминуваше време со членовите на семејството и играше карти со сопругата. Но, во деновите пред неговата смрт, неговото срце почнало да покажува знаци на отфрлање на органите. Со други зборови, неговиот имунолошки систем го препознал срцето на свињата како туѓо и го нападнал. Отфрлањето е исто така најголемиот предизвик во традиционалните трансплантации на човечки органи, пишува магазинот „Вајрид“ („Wired“).

Во Медицинскиот центар на Универзитетот во Мериленд и на други места, истражувачите ја проучуваа можноста за трансплантација на животински органи на луѓе – позната како ксенотрансплантација – како начин да се намали недостигот на човечки органи.

Имаме намера да спроведеме сеопфатна анализа за да ги идентификуваме факторите што можат да се спречат во идните трансплантации, рече Мухамед Мохиудин, кој ја надгледува програмата за ксенотрансплантација на Универзитетот.

OhridNews