Од последици предизвикани од коронавирусот Ковид 19, синоќа во Охрид, во 73-та година од животот почина истакнатиот стопанственик, општественик и спортски работник Љубен Василески – Саричко.
Љубен Василески – Саричко, е роден во Охрид на 18.08. 1948 година. Во родниот град завршил основно и средно образование, а дипломирал на Машинскиот факултет во Скопје. Од 1984 година е вработен во „Галеб“, а од 1999 година, па се до неговата смрт, беше на чело на најпознатата автопревозна компанија во земјава.
Љубен Василески – Саричко беше сестран спортист и спортски работник. Рано ја прекинува фудбалската кариера и продолжува со успех во малиот фудбал и во стрелаштвото. Беше претседател на ФК Охрид во раните 2000-ти, поддржувач на речиси сите спортски колективи во градот, признат општественик, помагател и почитуван Охриѓанец.
Посмртните останки на Љубен Василески – Саричко ќе бидат погребани утре, вторник, на Градските гробишта во Охрид, во кругот на семејството.
OhridNews