Големата ѕвезда на советската кинематографија Татјана Самојлова, којашто стана светски славна преку ликот на Вероника од филмот „Жеравите летаат“ од 1958 година кој на филмскиот фестивал во Кан беше награден со Златната палма, почина ноќта во неделата во Москва точно на својот 80-ти роденден.

Родена во тогашниот Ленинград, денес Санкт Петербург, во семејството на актерот Евгениј Самојлов, Татјана прво започнала да се занимава со балет, а потоа ја започнала својата долга театарска кариера.

Како голем талент учела во значајните балетски школи Станиславски и Немирович-Данченко, а најпознатата светска балерина Маја Плисекцаја лично ја препорачува балетските студии да ги продолжи во славниот Баљшој театар.

Во 1957 година ја одигра улогата на Вероника во воено-љубовната драма „Жеравите летаат“ на режисерот Михаил Калатозов, кој доби извонредни меѓународни критики, и следната година стана единствениот советски филм награден со најголемото канско признание Златната палма.

По тој успех, целосно се свртува кон театарот, а во 1967 година се враќа на големиот екран со улогата на Ана Каренина во филмот на Алексадар Захри. Вкупно зад себе остави дваесет големи филмски улоги.

Ја сметаат за една од најубавите и најталентирани актерки од советската ера.

Во 1990-те години Самојлова престојуваше во Кан како почесен гостин и беше поздравена со долг аплауз од присутните колеги и од публиката. Во 2008 година повторно беше поканета во Кан, по повод 50-годишнината од снимањето на „Жерави летаат“ и 40-годишнината од „Ана Каренина“, кога доби долготрајни овации.

OhridNews
извор:„Макфакс“