Денес, по кратко и тешко боледување, во шеесет и петтата година од животот, ненадејно почина истакнатиот општественик, статистичар и долгогодишен носител на повеќе општествено-политички функции Светлана Антоновска (1952-2016), основоположник на современата статистика во самостојна Република Македонија и прв директор на Државниот завод за статистика по осамостојувањето на земјата.
По завршување на образованието извршува повеќе општествени функции во Република Македонија, со кои дава значаен придонес за промовирање на научната мисла меѓу младите, а на раководната фунција на Државниот завод за статистика беше од 1986 година. Веднаш по осамостојувањето на земјата, Антоновска, со целосна одговорност го презема предизвикот за трансформација и осовременување на македонската статистика и нејзино вклучување во европското семејство на статистички организации. За кратко време успева Заводот да го вклучи во повеќе меѓународни и европски статистички институции, како што се Статистичкиот оддел на ООН во Женева и во Њујорк, ЕУРОСТАТ–Статистичката служба на Европската комисија, статистичките оддели на FAO, ILO и други организации. Нејзиниот ангажман е од пресудно значење за обезбедување статистички податоци за Република Македонија, во најтурбулентните времиња на поновата македонска историја, коишто тогаш се споредливи со податоците на другите земји и кои се среќаваат во повеќе меѓународни публикации. Под нејзино раководство, Државниот завод за статистика го спроведе и првиот Попис на населението, домаќинствата и становите во самостојна Република Македонија, а во 1996 година, институцијата се вклучи во програмата Пхаре, по што се издвои и како институција којашто во својата работа ги имплементира стандардите за работа на институции на земји-членки на ЕУ.
Како статистичар, покрај извршувањето на својата раководна функција до 1997 година и во периодот од 1998 до 2001 година, Антоновска беше активен пропагатор и основоположник на унапредувањето на статистичката методологија во Република Македонија, како и за имплементирање на стандардите, класификациите и номенклатурите кои се применуваат во статистичките истражувања во Европа и во светот. Има објавено голем број научни трудови од областа на статистиката, а беше и член на Меѓународниот институт за статистика (од 1996 година), Конференцијата на европски статистичари, Асоцијацијата на балкански статистичари, Меѓународната асоцијација за статистичари за истражувања, Меѓународната организација на официјалната статистика, основач е на Здружението на статистичари на Република Македонија. Одговорни функции извршуваше и во Државниот завод за ревизија и во Народната банка на Република Македонија.
За својот придонес во статистиката на меѓународен план, во 1999 година беше одликувана со златен Милениумски медал на честа, од страна на Американскиот биографски институт, во којшто потоа активно членува и е избрана за доживотен заменик-гувернер на одборот на гувернери на оваа значајна меѓународна организација, а во 2000 година е примена за единствен претставник на Република Македонија во Меѓународниот реч на честа – ИОМ на Меѓународниот биографски институт од Кембриџ, со што се вброи меѓу личностите кои дале светски придонес во минатиот век, во својата стручна област.
Во 2001 година, од Американскиот биографски институт, официјално е избрана за еден од стоте водечки интелектуалци во светот во периодот 2000-2001 година и за еден од 1000 највлијателни лидери во науката. Истата година, Американскиот биографски институт ја одликува и со Медал за Жена на годината, за исклучителни професионални достигнувања и е вброена меѓу водечките лидери во науката и технологијата на светско ниво. Добитник е на медал со којшто се вбројува меѓу 500 создавачи на 21 век и на Платинеста плоча за прдонес во науката и уметноста.
Во 1986 година, одликувана е со Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда. Добитник е и на повеќе други општествени, домашни и меѓународни признанија.
Посмртните останки на Светлана Антоновска ќе бидат изложени во Капелата на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје, на 9 октомври 2016 година (недела), од 12 до 13 часот.
OhridNews