Во раните утрински часови денеска почина Сотир Митрев (1932-2009) активист и хуманист на Македонската заедница од Мелбурн. Инаку, чичко Сотир Митрев (како што сите го викавме) беше роден во селото Росен, Леринско, Егејска Македонија во далечната 1932 година. Младоста ја поминува во родното место, а во 1953 година заминува на печалба во Белгија. Таму се населува со сопругата Невена И синот Ристо а потоа на свет доаѓаат и трите ќерки Ангелина, Тина и Санта.
Во 1968 година Сотир Митрев од Белгија се преселува во Мелбурн, Австралија. Тука веднаш се вклучува во Движењето на Македонската заедница и со текот на времето стана еден од ветераните со својот придонес кон изградбата на Македонската заедница. Секогаш беше во првите редови на сите собири и демонстрации. Насекаде беше прв каде што требаше да се помогне.
Последните 20тина години беше претседател на Македонската хуманитарна организација а неговата хумана работа немаше граници. Испратена беше разновидна помош на македонците во Албанија, Бугарија, Грција И Република Македонија. Голем помагател беше на изградбата на храмот “Св Злата Мегленска” во С’ботско, Егејска Македонија. Помош испраќаше редовно во Македонија И преку црковната хуманитарна организација “Милосрдие”.
Опелото на Сотир Митрев ќе се одржи во вторник во храмот на “Св ЃорѓИ” во Мелбурн.