Поранешниот претседател на Израел, добитникот на Нобеловата награда за мир Шимон Перез, починал во својот дом на 94-годишна возраст, објави израелскиот весник Харец. Шимон Перез беше еден од последните преживеани основачи на модерниот Израел. Роден во Полска како Шимон Перски во 1923 година, а со семејството во мандатната Палестина пристигнал кога имал 11 години. Растел во Тел Авив каде учел во средно земјоделско училиште, а работел и како фармер и овчар. Додека престојувал во САД студирал во Њујорк и на Харвард.
Бил премиер на Израел и лидер на Лабуристичката партија. Тој е првиот Израелец кој бил премиер и претседател на државата. За време на својата политичка кариера, долга речиси 70 години, ги обавувал речиси сите значајни функции во владата, а како што потсетува Њујорк Тајмс, ја имал клучната улога во историјата на земјата како борец и миротворец. Член на Кнесетот (парламентот на Израел) бил од 1959 се до 2007 година кога станал претседател на државата.
Перез, како шеф на израелската дипломатија, во 1993 година бил вклучен во преговорите со лидерот на Палестинската ослободителна организација, Јасер Арафат. Наредната година за тој договор, заедно со Арафат и тогашниот премиер на Израел Јицак Рабин, Перез ја доби Нобеловата награда за мир. Кога во 2014 година му заврши седумгодишниот претседателски мандат продолжи да биде активен во Центарот за мир кој го носи неговото име и чија цел е коегзистенција помеѓу Евреите и Арапите.
До крајот на животот тој остана влијателна личност во државата и надвор од неа. Во 1995 година се објавени неговите мемоари насловени како „Битката за мир“.
Перез на 13.септември бил хоспитализиран поради проблеми со срцето. Здравствената состојба на почетокот му била сериозна, но стабилна, а во вторникот таа се влошила.