Уште една охридска легенда го напушти овој свет. Замина во вечноста проф. д-р Наум Целакоски, познат најнапред како професор по македонски јазик во Охридсата гимназија, потоа како долгогодишен директор на Историскиот архив во Охрид и на крајот од својот работен век, како професор по културно наследство и декан на Факултетот за туризам во Охрид. Веста за смртта на професорот Наум Целакоски на Фејсбук ја објави неговиот долгогодишен пријател Димитар Смилески.
Првпат го запознав како ученик во прва година во Охридската гимназија во далечната 1963 година и никогаш не претпоставував дека тој ќе ми биде еден од најверните и најценети другари во мојот живот. Но, судбината била по подолго време нашите патишта повторно да се спојат и да се дружиме до крајот на животот. Неговата докторска дисертација за етнологијата на Дебрца беше нашето повторно дружење, кога ги крстаревме селата во Дебрца, барајќи изворни материјали за темата. Разни средби, дружења и анегдоти произлегоа од тоа дружење, но исто така и во наредниот период останаа спомени кои не се забораваат.
Професорот Нам Целакоски има напишано дваесетина книги од областа на етнологијата и историјата на Охридскиот регион и стотина статии со кои учествувал на разни научни собири. Последната негова книга беше интимната збирка на поезија „Зелената месечина“ која на своевиден начин ја претстави писателот Смиле Наумоски-Брсјак, во Градската библиотека во Охрид, по повод патрониот празник на Охрид, кога проф. Наум Целакоски и проф. д-р Павле Митрески беа прогласени за почесни членови на Библиотеката.
Во моето памтење ќе остане како племенит човек, кој воспита две прекрасни ќерки, секогаш расположен за разговор и шега.
Знам дека ќе ми недостасува и мене и на поширок круг негови пријатели, но животот како што има почеток, има и крај.
Нека почива во мир во неговото вечно почивалиште во родното село Мешеишта! – стои во облавата на Димитар Смилески, а по повод смртта на проф. д-р Наум Целакоски.
OhridNews