ВО Белград, вчера, во 64-та година од животот почина познатиот новинар и директор на Радиотелевизија Србија (РТС), Александар Тијаниќ, објави јавниот сервис на својата интернет страница, пренесува „Макфакс“.
Како што потврдиле од службата за Итна помош, Александар Тијаниќ починал пред везот во зградата во којашто живеел, на булеварот „Михајло Пупин“ на Нов Белград.
Како што за агенцијата Танјуг, изјавила директорката на белградската служба за Итна помош, Нада Мацура, Тијаниќ бил најден пред влезот во зградата во бесвесна состојба, околу 17,10 часот, а медицинската екипа безуспешно се обидувала да го реанимира. Мацура додала дека засега не може да се потврди причината за смртта.
Тијаниќ беше долгогодишен соработник ана многу медиуми низ поранешната Југославија, а новинарската кариера ја започна во белградскиот неделник НИН, каде што извесен период мина и како уредник.
Поголемиот дел од кариерата го мина во новинската куќа „политика“, а беше првиот директор на Телевизија Политика и на приватната БК Телевизија, како и соработник и колумнист на многу печатени медиуми во поранешна Југославија, меѓу кои загрепските неделници Старт и Данас, сплитскиот дневен весник Слободна Далмација, љубљанскиот магазин Младина, сараевско Ослобоđенје, како и на белградскиот Европљанин чиј основач и сопственик беше Славко Чурувија, мистериозно убиен во 1999 година.
Тијаниќ кусо време директно учествуваше и во политиката, како министер за информации на Србија во владата на Мирко Марјановиќ во периодот од 1994 до 1996 година, и како советник за медиуми и информирање на претседателот на поранешна СР Југославија, Воислав Коштуница, во периодот од 2001 до 2004 година.
Александар Тијаниќ е роден на 13-ти декември 1949 година во Ѓаковица, сегашно Косово, а извесен период од животот минал и во Подуево и Приштина, во поранешната српска автономна покраина Косово и Метохија. На функцијата директор на Радиотелевизија Србија ова му беше втор мандат по ред, а првиот го започна во 2004 година.
OhridNews
извор:„Макфакс“