Во 92. година од животот почина последниот претседател на Советскиот сојуз (СССР) Михаил Горбачов, јавија руските медиуми.
Михаил Сергеевич Горбачов почина вечерва по тешка и долга болест. – соопшти Централната клиничка болница, пренесува агенцијата ТАСС.
Горбачов беше политички лидер на СССР и генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот сојуз од 1985 до 1991 година.
Роден е во 1931 година во местото Приволноје близу Ставропољ во јужна Русија. На Комунистичката партија и пристапил на 21 година во 1952 година. Во 1966 година добива дописна диплома агроном-економист, а во 1970 година е именуван за прв секретар за земјоделство на СССР. Следната година станал член на Централниот комитет. Политичката кариера му напредува брзо. Од 1972 година бил претставник на СССР во Белгија, а во 1974 година претставник во Врховниот совет и претседател на постојаната комисија за прашања на младите. Во 1979 Горбачов бил унапреден во Политбирото.
По смртта на Константин Черњек, Михаил Горбачов е избран за Генерален секретар на Комунистичката партија на СССР на 11 март 1985 година. Тој е прв лидер на партијата роден по Црвената револуција во 1917 година.
Автор е на Перестројката, реформа која требаше да го трансформира СССР. Беше на чело на некогаш моќната држава во деликатни времиња. Во 1986 година се случи хаваријата во нуклеарната централа Чернобил, за која се смета дека го забрза крахот на СССР кој се распадна за време на неговото лидерство. Ќе остане запаметен и по затоплувањето на односите со САД на чие чело тогаш беше Роналд Реган со кој го потпишаа историскиот договор за елиминација на нуклеарното оружје.
Горбачов се смета за една од најзначајните политички фигури од втората половина на 20 век. Добитник е на Нобеловата награда за мир во 1990 година, затоа што придонесе за крај на Студената војна и го дозволи повторното обединување на Германија.
На 24 август 1991 година, по потпишувањето на договорот за крај на постоењето на СССР, Михаил Горбачов даде оставка на местото шеф на Комунистичката партија и од Централниот комитет на владејачката партија, единствената партија дотогаш, и побара истата да се самораспушти.
Г.М.