Поранешниот труски претседател Сулејман Демирел, еден од великаните на турската политика во повеќе од половина век, почина денес во 90-та година од животот во болницата „Ѓувен Хастанеси“ во главниот град Анкара.
Од 1965 година Сулејман Демирел ја водеше Турција повеќе од 11 години на чело на седум влади, што е втората најдолга премиерска кариера зад онаа на актуелниот претседател и поранешен премиер Реџеп Тајип Ердоган (2002- 2014). Притоа ја извршуваше должноста шеф на државата од 1993 до 2000 година.
Демирел починал како последица на тека инфекција на дишните патишта, пренесуваат турските медиуми повикувајќи се на официјални болнички извори. Бил хоспитализиран поради респираторна инфекција на 13-и мај и повеќе од месец беше лекуван, поради проблеми со дишењето, како и со работата на срцето. Вчера состојбата на Демирел остро се влошила, по што починал ноќта кон средата.
Роден 1-ви ноември 1924 година в селото Исламкој во провинцијата Испарта, овој прагматичен конзервативец, подготвен на секакви коалиции, ја започна политичката кариера во 1960 година, по првиот воен удар кога е соосновач на Партијата на правдата. Два негова мандата на чело на турската влада потоа беа прекинати од уште два пуча кои ги изведе армијата во 1971 и во 1980 година.
Демирел кој инаку во 1949 година дипломирал на градежниот факултет на Истанбулскиот технички факултет, во два периода од 1949-1950 и 1954-1955 година стажирал во САД, беше особено фален поради ораторските способности. Него го викаа „татко“, а во 1993 година беше избран за деветтиот претседател на Турција. Официјално се повлече од политичкиот живот по завршувањето на претседателскиот мандат на 16-ти мај 2000 година, но продолжи да дава политички совети.
OhridNews
извор Макфакс