По кратко боледување вчера на 77-годишна возраст почина поранешниот претседател и генерален секретар на Црвениот крст, Илија Цветаноски.

Илија Цветаноски беше претседател на Црвениот крст на Република Македонија од 1996 до 2001 година и генерален секретар на Црвениот крст на Република Македонија од 2001 до 2004 година. Со Цветаноски денеска се збогуваа неговите најблиски од семејството, роднините, пријателите и волонтерите на Црвениот крст.

– Со голема тага ја примивме веста дека не напушти една од личностите која даде посебен придонес во развојот на нашата организација. Илија Цветаноски одбележа еден посебен период во работата на Црвениот крст на Република Северна Македонија. Од својата најрана возраст па се до крајот на својот живот почитуваниот Илија Цветаноски пред се неуморно се залагаше и волонтерски придонесуваше за развојот на Општинската организација на Црвен крст Прилеп, а долги години беше претседател на една од нашите најуспешни организации – Општинската Организација на Црвениот крст Прилеп, се вели во обраќањето на Генерален секретар на Црвениот крст, Саит Саити.

Успехот и залагањето, иновативноста и креативноста, додава, набргу го промовираа на Цветаноски како еден од нашите лидери во организацијата и во периодот од 1996 до 2001 почитуваниот Цветаноски е претседател на нашето национално друштво, а потоа и работи како генерален секретар на Црвениот крст од 2001 до 2004 година.

– Во текот на своето работење како претседател и генерален секретар на Црвениот крст на РСМ секогаш беше пример за човек кој неуморно се посветуваше на развојот на нашата организација и беше пример за многу наши генерации на волонтери како се сака и помага Црвениот крст во интерес на луѓето кои ги опслужуваме. Денеска е тажен ден. Се збогуваме со голем волонтер и пријател кој го посвети речиси целиот свој живот на хуманизмот и хуманитарната работа. На сите нас во Црвениот крст ни беше голема чест и задоволство што имавме можност заедно да соработуваме со г.динот Илија Цветаноски, се вели во обраќањето на Саити.

 

OhridNews