На 79-годишна возраст денеска почина првиот демократски избран претседател на Бугарија, Жељу Желев. Желев е роден на 3 март 1935 година во селото Веселиново кај Шумен. Филозоф по вокација, дисидент, политичар и државник, Жељу Желев беше иницијатор и коосновач на Клубот за гласност и перестројка и еден од основачите на Сојузот на демократските сили (СДС) во декември 1989 година.

По првите повеќепартиски избори по промените во Бугарија во јуни 1990 година, Желев стана координатор на Пратеничката група на СДС, а веќе на 1 август истата година Народното собрание го избра за претседател на Бугарија. Во јануари 1992 година беше реизбран на функцијата на првите дирекни претседателски избори во Бугарија. Претседателската должност ја извршуваше до јануари 1997 година.

Во 1993 стана член на Либералната интернационала, а во 1997 година беше избран за почесен претседател на бугарската партија Либерално демократска алтернатива. Тој раководеше и со фондацијата „Д-р Жељу Желев“, а беше и коосновач и претседател на Балканскиот политички клуб.

Желев е носител на највисокото државно одличје на Бугарија, орденот „Стара Планина“ од прв степен, како и на поголем број академски и државни награди.

OhridNews

извор Утрински весник