Денеска во Охрид на 75 годишна возраст почина новинарот Илче Стојаноски, кој целиот професионален работен век го помина во Центарот за печат и радио Охрид. Стојаноски е роден на 18 јуни 1949 година во Прилеп, а по три години од неговото раѓање неговите родители се преселуваат во родниот град на неговата мајка – Охрид, која патем потекнува од старата охридска фамилија Киселиновци.
Основно и средно образование завршува во Охрид по што школувањето го продолжил во Скопје на правниот факултет на универзитетот „Свети Кирил и Методи „Во Охрид се враќа во 1976 година и во потрага по работа по својата професија, наредната 1977 година започнува да работи како надворешен соработник – новинар. Од 1979 година е во редовен работен однос во Радио Охрид и постојано напредувал во својата професија. Во 1982 година е именуван за Главен и одговорен уредник на програмата на Радио Охрид, и на таа функција останува до 1986 година кога е назначен за в.д. директор и главен и одговорен уредник на Радио Охрид. По завршувањето на мандатот, останува во дневната редакција и работи како новинар. Водител е на дневно информативаната емисија „Настани“, на контактите емисии „Во сабота со Вас“, „Радио берза“ а од големата љубов кон Охрид и неговата истражувачка дејност, ја реализира емисијата „Охрид во моите спомени“ при што се снимени и емитувани над 100 вакви документарни емисии. Врз основа на снимениот материјал тој има напишано две книги со исти наслов „Кажвиме за да не се заборајт“ и тоа првата во 1996 а втората во 2003 година. Во третата книга на Илче Стојаноски, монографијата „Охридски времелов 1848-1948“ издадена 2012 година повторно во чест на патронот на Охрид Свети Климент Охридски тој се обиде да го потврди Охрид во еден минат период од 100 години, преку цртежи, фотографии и коментари. Започнува од 1848 година со цртежите на Едвард Лир, продолжува со првите фотографи направени во Охрид во 1863 година од Јошеф Шекељ. Потоа се нижат фотографиите од почетокот на 20-тиот век на Мери Едит-Дурхам, и други фотографии од разни автори, чии имиња не се познати, се’ до првата половина на 20-тиот век или поточно до 1948 година.
Стојаноски потоа ја напиша и четвртата книга „Охридски вистини, случки, приказни и факти од минатото“, издадена 2014 година. денови. Последниот труд на Стојановски е издавањето на ДВД, „Охрид во моите спомени“. Како пензионер на најумесен начин продолжи да го промовира Охрид преку ФБ страницата „ Охрид, убав мил“ чиј креатор и администратор меѓу другите беше и тој.
За својот труд Илче Стојаноски за време на својот работен век има добиено голем број награди и признанија. Ја издвојуваме наградата на Здружението на новинарите на Македонија во 1999 година – Прво место за документарната емисија „ Афродита Охридска“ и највисоката награда од ова здружение, наградата ГРАН ПРИ. Сепак од сите досега добиени награди и признанија, најдрага му беше Повелбата „Свети Климент Охридски“ доделена од општина Охрид во 2007 година.
Погребот е во среда, 23 април од 12 до 12.30 на Градските гробишта во Охрид .
Почивај во мир колега!
OhridNews
Во текстот се користени податоци од порталот „Публицитет“ и архивски фотографии на Охридњуз