Поранешниот премиер на СФРЈ и некогашен претседател на Сојузот на комунистите на Хрватска (СКХ), Милка Планинц почина денеска во Загреб на 87-годишна возраст, пренесува Тв Телма.

Планинц беше единствената жена шеф на влада во една социјалистичка земја, функција која ја извршуваше во 80-те години на минатиот век во време на тешката економска состојба во тогашна Југославија.

Милка Планинц, со моминско презиме Малада, е родена во местото Дрнош во Далмација во 1924 година. Во текот на Втората светска војна, од која излегува со чин поручник, била комесар на чета на 11-та партизанска Далматинска бригада.

По пропаѓањето на „Хрватската пролет“, во 1972 година е избрана за претседател на Централниот комитет на СКХ, на која функција останува до мај 1982 година кога станува претседател на Сојузниот извршен совет на СФРЈ, односно премиер на државата. На оваа должност останува до мај 1986 година.

Нејзиниот мандат на граѓаните на поранешна Југославија им остана во сеќавање по строгите мерки на штедење, кои резултираа со недостиг на одредени производи, пред се нафта, поради што беше воведен и моделот на управување со автомобили „пар-непар“.

Последниве години во хрватската јавност беше споменувана како една од одговорните за ликвидаџија на усташи и други соработници со окупаротт во мај и јуни 1945 година во Словенија, но против неа не беше покрената никаква судска постапка.

OhridNews
извор:Тв Телма