Микеле Фереро, сопственик на глобалното царство на чоколада и колачи почина вчера во 89-та година од животот, во својата куќа во Монте Карло, по долго боледување, објавија од неговата компанија „Ferrero“.

Микеле Фереро е роден во 1925 година во малото место Долјани, се сметаше за најбогатиот човек во Италија, откако во 2008 година го надмина Силвио Берлускони. Неговото богатство според деловниот магазин Forbes, кој го нарече најбогатиот слаткар на светот, во мај 2014 година го процени на 23,4 милијарди долари и го стави на 30-то место на најбогатите луѓе во светот, додека според The Bloomberg Billionaires Index lists неговото богатство е проценето на 26 милијарди американски долари.

Веднаш во италијанските медиум започнаа нагаѓањата дека смртта на Микеле Фереро ќе предизвика можеби проблеми околу изборот на неговиот наследник н ачелната позиција во компанијата, а можеби и проблеми во семејната компанија „Ferrero“ која постојано расте и покрај најдолгата италијанска рецесија од Втората светска војна.

Ова компанија, покрај препознатливиот крем „Nuttela“, ги поседува и брендовите за пралините „Ferrero Rocher“, чоколадните јајца „Kinder Eggs“, како и „Mon Chéri“, „Kinder Chocolate“ и „Tic Tacs“, а аналитичарите и банкарите ја сметаат за највредната приватна компанија во Италија.

Откако едниот од синовите на Микеле – Пјетро, загина во несреќен случај во април 2011 година во Јужна Африка, другиот негов син Џовани Фереро, кој е директор на групацијата „Ferrero“, кон крајот на 2013 година ги отфрли сугестиите дека за компанијата е заинтересиран поголемиот швајцарски конкурент „Nestle“, и изјави дека компанијата не е на продажба.

Микеле Фереро беше познат по тоа што не сакаше многу да зборува за медиумите и го избегнуваше публицитетот, а малата работилница за чоколада од областа Пиемонт ја направи глобален гигант. Се зборуваше дека компанијата ја водел со „челична тупаница“, но локалното население го обожуваше бидејќи беше штедар во донациите, а работниците велат дека имале извонредни услови за работа.

Само до пред некоја година Микеле Фереро секој ден со хеликоптер од вилата во Монте Карло патуваше во седиштето на компанијата во малото живописно место Алба во североисточна Италија и таму самиот учествуваше во создавањето и дегустирањето на новите производи.

OhridNews

Извор:Макфакс