Михаил Калашников, конструктор на автоматската пушка АК-47, позната како „калашников”, почина во понеделник во 94 година од животот, јави руската државна агенција Итар-Тасс.

Калашников, кој пушката АК-47 ја конструираше по Втората светска војна, во своите дваесетти години, почина во својот дом во Ижевск, во близина на Урал, каде што неговата пушка сè уште се произведува.

Калашников е роден на 10 ноември 1919 година во големо селско семејство во руската Алтајска област.

Беше 17 дете во семејството што живееше во оваа област, во близина на границата со Монголија.. Во 1930 година калашников и неговото семејство биле принудени да го напуштат имотот под режимот на Јосиф Сталин.

Калашникотв првично сакаше да стане поет, но неговиот живот отиде во сосем спротивна насока кога се приклучи на војската во 1938 година. Служеше во руската тенковска дивизија и работеше на неколку изуми со цел подобрување на одредени функции на тенкот. Во 1941 година Калашников е ранет во битката за Брјанск против нацистите. Опоравувајќи се од раните, започнал да работи врз конструирање на ново оружје.

Две години по Втората светска војна, Калашников ја заврши работата на новиот тип автоматска пушка „Автомату Калашникову”, од каде е и ознаката АК-47. Неговата автоматска пушка е избрана за масовно производство меѓу редица други. Се покажало дека АК-47 е едноставна за користење и одржување и нејзините перформански се одлични во различни услови, од пустина до џунгла.

Калашников немаше никаква материјална полза од продажбата на милиони пушки именувани по него, кои ги користат армиите од 80 земји во светот и која е дел од грбот на дури шест независни држави.

Околу 100 милиони „калашникови” се произведени од 1947 година до денес ширум светот, а заради својата сигурност оваа пушка стана омилена меѓу вооружените групи, од војските, преку револуционерите, до терористите.

Калашников подоцна изрази жалење заради тоа што неговата пушка дошла во рацете на криминалци.

„Тешко ми е кога секакви криминалци пукаат од моето оружје”, рече, пренесува Reuters.

Калашников се смета за национално руско богатство. Во 2004 година беше отворен музеј во негова чест во сибирскиот град Ижевск. Изумителот истата година го прошири својот бренд и го даде своето презиме на линија вотка.

„И служев на татковината и ќе и служам до крајот на животот”, рече во 2009. на приемот во Кремљ во чест на 90-сетиот роденден.

Калашников како главен инженер во Илмаш престана да работи дури во март 2012 година заради здравствени проблеми. Кон крајот на истата година помина некое време на одделот на интензивна нега во болницата за кардиологија во Ижевск, а во ноември 2013 година повторно заврши во болница.

„Ја создадов таа пушка да ја брани и чува нашата татковина. Тоа беше моето животно мото”, рече калашников во 2009 година.

OhridNews
извор:“Макфакс“