Макс ван дер Штул, поранешниот шеф на холандската дипломатија и дипломат кој ширум светот се бореше за човековите права, почина во својата 86 година, јавува „Макфакс“.

Ван дер Штул почина минатата ноќ во својата куќа во Хаг, објави Владата. Штул два пати беше министер за надворешни работи на Холандија, во 1970-тите и 1980-тите години, како и амбасадор на Холандија во ОН. Тој работеше и како висок комесар за национални малцинства на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОЕБС).

Премиерот Марк Руте по повод смртта на Ван дер Штул рече дека Холандија го изгубила својот „симбол на човековите права“.

Макс ван дер Штул во Македонија пред 10-тина години посредуваше за надминување на проблемите со Тетовскиот универзитет, чие основање го најави пресвртот во релациите меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата.

Ван дер Штул, човекот чија визија беше основање и развој на Универзитетот на ЈИЕ стана прв почесен доктор на Универзитетот а по него е именувана и библиотеката на ЈИЕ.

Универзитетот на Југоисточна Европа или скратено ЈИЕУ, познат и како Штулов Универзитет, поради заслугата на Макс ван дер Штул за неговото основање, е приватен универзитет во Тетово и Скопје. Главното седиште на универзитетот е во Тетово, каде што, впрочем, е формиран во 2000 година.

OhridNews
извор:„Макфакс“