Легендарниот индиски мајстор на ситар, кој влијаеше на многу странски уметници, од Битлси до класичниот виолинист Јехуди Менухин, почина во САД во 92-та година од животот, објави денеска неговото семејство, пренесува „Макфакс“.
Рави Шанкар, таткото на jazz и поп-фолк пејачката Нора Џонс, почина во болницата во Сан Диего, каде неодамна бил примен поради проблеми со срцето.
Индискиот премиер Манмохан Синг изрази жалење и спомна дека ова е губиток на национално богатство и светски пратеник на културно наследство на Индија.
„Една ера завршува. Нацијата ми се придружува во оддавање чест на ненадмашениот гениј, неговата уметност и понизност“, вели премиерот.
Рави Шанкар, кој живееше во Калифорнија, роден е во светиот град Банарес, на брегот на реката Ганг, на 7 април 1920 година. Доаѓаше од семејство на брамани, највисоката каста во традиционалното хиндуистичко општество.
Гитаристот на Битлси, Џорџ Харисон, стана негов ученик во 60-тите години, а двајцата соработуваа на неколку проекти, особено на хуманитарниот концерт за Бангладеш 1971 година. Харисон го нарече Шанкар `кум на World Music`.
Во изјавата објавена од Њујорк, по пат на twitter, вдовицата на Шанкар Суканија и неговата друга ќерка Анушка, објасниле дека неговото здравје било кревко веќе неколку години, а во четвртокот бил подвргнат на операција која евентуално би му ја подобрила состојбата.
Неговото семејство и фондацијата Рави Шанкар објаснија дека боледувал од срцето, а имал проблеми и со дишењето.
Последен пат Шанкар настапи на 4 ноември на Лонг Бич, во Калифорнија, со ќерката Анушка, успешна музичарка на ситар.
извор:„Макфакс“