Една од најголемите легенди на кошаркарскиот клуб Партизан и југословенската кошарка, Дражен Праја Далипагиќ почина во 74-та година од животот, јавија српските медиуми.

Далипагиќ е роден на 27 ноември 1951 година во Мостар. Го носеше дресот на Партизан од 1971 до 1980 година, како и во сезоната 1981/82. Со црно-белите освои две титули (1976 и 1979), купот на СФРЈ и два европски купа Радивоје Кораќ во 1978 и 1979 година, а со југословенската репрезентација – се!

Има три златни медали на Европските првенства, вкупно четири медали на Светските првенства (сребро во 1974 година, злато во 1978 година, бронза во 1982 и 1986 година) и три олимписки медали (сребро во 1976 година, злато во 1980 година и бронза во 1984 година).

Дражен Далипагиќ одигра 305 натпревари за Партизан и постигна 8.278 поени, во просек по 33,7 поени по натпревар и до ден денес останува најдобар стрелец во богатата историја на клубот. Играше и за Реал Мадрид (како прв српски играч во познатиот мадридски клуб), Удине, Венеција (постигна рекордни 70 поени против Виртус Болоња), Верона, а кариерата ја заврши во дресот на Црвена звезда во сезоната 1990/91.

Прогласен е за најдобар кошаркар на ЕП 1977 година, а за најдобар кошаркар во Европа во 1977, 1978 и 1980 година. Белградскиот спортски весник „Спорт“ го проглси за најдобар спортист во Југославија, доделувајќи му Златна значка во 1978 година. Италијанскиот кошаркарски весник „Супербаскет“ двапати му ја додели наградата „Mr Europa“ во 1977 и 1978 година, награда која му се доделува на најдобриот европски кошаркар, без разлика дали игра на стариот континент или не. Во 1980 година ја добива кошаркарската награда Еуроскар.

Интересно е тоа што Далипагиќ прво тренирал фудбал, па ракомет, а дури на 18 години почнал да се занимава со кошарка, спорт кој му го одбележа животот, пишува „Блиц“.

OhridNews
Извор: blic.rs