Во 55-та година од животот, синоќа, во Охрид ненадејно почина познатиот писател, фотограф, културен и туристички работник, научен истражувач, публицист и полиглот, Мишо Јузмески.

Во текот на богатата професионална кариера Мишо Јузмески работеше како туристички водич, уредник и презентер на радио емисии, туристички агент и интерпретатор. Покрај македонски, Јузмески активно говореше уште 8 европски јазици: холандски, германски, англиски, француски, италијански, шпански, бугарски и српски јазик.

Автор е на бројни есеи, кратки стории и критики објавувани во домашни и странски списанија и медиуми. Неговите фотографии покрај на изложбите, се објавувани во магазини, книги и поштенски разгледници.

Мишо Јузмески зад себе остави бројни публикации и дела од областа на културата и туризмот. Последната, осма книга, Јузмески ја промовираше во ноември минатата година. Се работи за капитално дело од областа на туризмот, објавено на англиски јазик „Explore Ohrid“ (Истражи го Охрид). Книгата е туристички водич, прв од ваков вид кај нас, во која Јузмески ја претставува општината Охрид во целина како единствен туристички производ.

Јузмески ќе остане запаметен и по сеопфатните истражувања на ликот и делото на познатиот холандски писател А. Ден Долард. Во јуни 2011 година, тој во Охрид го основа Културниот центар „Култура 365“, во кој се одржуваа бројни изложби на уметнички дела, промоции и други културни манифестации.

За својот придонес во сферата на туризмот и културата, Мишо Јузмески во 2020 година го доби Признанието на „OhridNews“ за културна и туристичка промоција на Охрид, што првиот информативен портал во земјата го доделува на личности и организации кои оставиле посебна трага во својата професионална работа.

Мишо Јузмески ќе биде погребан на 2 мај, недела, на пладне, на Градските гробишта во Охрид.

OhridNews