По кратко боледување вчера почина основачот и претседател на ланецот маркети КАМ, Гоце Камчев. Тој беше еден од најуспешните визионери и менаџери во нашата земја и остави зад себе компанија која е меѓу најуспешните во регионот, велат во соопштението од компанијата.

Целото искуство, знаење и вештини, стекнати во текот на школувањето и работата со познати компании од земјата и од странство, несебично ги пренесуваше и споделуваше со вработените, кои го препознаваа како голем учител, неуморен пренесувач на знаења. Истовремено беше насочен и кон раст и развој и на нашата држава, а успешна Македонија беше една од неговите цели, додаваат во соопштението.

Камчев е основач на повеќе компании во областа на трговијата, производство, земјоделство, угостителство и недвижности. Инспириран од германскиот синџир „Алди“, Камчев се насочува кон принципот „хард дисконт“ и го основа „КАМ“ во 1999 година, компанија која континуирано расте и се развива, па денес покрај 76-те маркети во Македонија, присутна е и во Косово со 23 маркети и во Бугарија со 24 маркети.

Дел од неговото портфолио се и забавно-трговскиот центар „Вилиџ Вања Камчев“, хотел „Вилиџ“, два трговски центри во Скопје и во Битола, како и најголемиот логистички центар во земјава, кој е дел од „КАМ маркет“.

Семејството и пријателите ќе се збогуваат од Гоце Камчев в недела 5 февруари 2023 година. Неговите посмртни останки ќе бидат изложени во капела во 12 часот, додека погребот ќе се одржи во 14 часот на градските гробишта Бутел во Скопје.

OhridNews