Гитаристот и еден од основачите на легендарната американска рок група Eagles, Глен Фреј почина во понеделникот на 67-годишна возраст, објави бендот на својата официјална страница на Faceebok, пренесува „Макфакс“.
„Со голема горчина соопштуваме дека нашиот пријател, основачот на Eagles, Глен Фреј, почина во Њујорк во понеделникот, 18-ти јануари“, се наведува во соопштението. Се додава, без поединости, дека музичарот долго време се борел со тешка болест, но оти неговата состојба последните неколку денови многу се влошила.
Американските медиуми, пак, наведуваат дека Фреј страдал од повеќе болести, ревматоиден артритис, улцеративен колитис и акутно воспаление на белите дробови.
Гитаристот Глен Фреј и тапанарот Дон Хенли ги основаа Eagles во 1971 година. Фреј е коавтор на едни од најизведуваните хитови како „Hotel California“ и „Life in the Fast Lane“.
Албумот со најголемите хитови на бендот „Their Greatest Hits (1971-1975)“ според продажбата во САД е на второто место со продадени 29 милиони копии, веднаш зад „Thriller“ на Мајкл Џексон со 30 милиони продадени примероци.
Бендот престана да постои во 1980 година, но музичарите повторно се собраа во 1994 година за специјалната снимка за музичкиот канал MTV, по што тргнаа на турнеа која траеше до 1994 до 1996 година и во тој период одржаа 160 концерти. По распаѓањето Фреј ја започна својата соло кариера. Како член на Eagles, тој во 1998 година влезе во Куќата на славните на рокенролот.
OhridNews
извор:„Макфакс“