Почина Елизабет Тејлор (79) , една од најголемите актерки во историјата на Холивуд. Оваа информација за Си Ен Ен ја потврдил нејзиниот претставник за односи со медиумите.

Славната актерка пред два месеца беше промена во болницата Седарс Синај, поради проблеми со срцето.

Здравјето на Елизабет Тејлор со години беше во центарот на вниманието на таблоидите. Тумор на мозокот и беше отстранет во 1997 година, а неколку години пред тоа и беа вградени вештачки колкови.

Во 2006 година таа се појави во ТВ емисија за да демантира дека боледува од алцхајмерова болест. Две години подоцна, тогашниот нејзин портпарол мораше да ги демантира гласините дека здравствената состојба на актерката е алармантна.

Елизабет Тејлор е добитничка на два Оскара, за филмовите „Батерфилд 8“ и „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“.

OhridNews
извор:„Макфакс“