Во 86-та година од животот, денеска во Охрид почина Драги Стефанија истакнат лингвист, македонист, фолклорист, новинар и публицист.
Драги Стефанија е роден во Охрид на 10 ноември 1933 година. Основно и средно училиште завршил во родниот град, дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, а подоцна докторирал на Филозофскиот факултет во Љубљана. Работел во младински списанија (Студентски збор), како новинар и уредник во Радио Телевизја Скопје, лектор по македонски јазик и професор по македонски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Љубљана, а тесно соработуваше со Институтот за Македонски јазик и литература „Крсте Петков Мисиров“. Предавал македонска литература на Филозофскиот факултет во Загреб и на Педагошката академија во Марибор, како и на Техничко-хуманистичката академија во Бјелско Бјала, Полска, каде предаваше балканска славистика. Беше член на Хелсиншкиот комитет на Словенија и почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на над триесет книги, од кои десеттина посветени на Охрид и личности од родниот крај како што се двете книги за Викторија поп Стефанија, книгата за Никола поп Стефанија, Прличевиот панславизам, петте книги за Охрид и Охридско, за браќата Миладиновци и други.
Драги Стефанија четири децении живееше во Љубљана. На словенечки јазик објавил повеќе избори од македонската литература и од народното творештво. Има одржано бројни предавања во регионот и светот, а ментор е на голем број докторатите и магистратури.
OhridNews