Почина водителот Драган Вучиќ, кој претходниве денови бил во тешка здравствена состојба и бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје, откако му бил дијагностициран коронавирусот.
Информацијата ја потврди министерот за здравство Венко Филипче кој упати искрено сочуство до семејството и блиските на познатиот пеач, композитор и водител.
- Утрово на Инфективната клиника од коронавирусот почина нашиот познат музичар, композитор и тв водител Драган Вучиќ. Тој беше хоспитализиран пред осум дена откако состојбата му се влошила и од тогаш е лекуван на оделението за интензивна нега. И покрај сите напори на лекарите и целиот стручен тим, Вучиќ со многу тежок наод на белите дробови, за жал, му подлегнал на вирусот, информира министерот Филипче.
Вучиќ е роден во 1955 година, а работеше како композитор, пејач и водител. Познат е во јавноста по бројите емисии и квизови како „Вашите пет минути“, „Среќни луѓе“, „Возење со Вуќиќ“ и други. Последен негов проект е „Гурмански приказни“, емисија која се снимаше низ повеќе земји на балканот со познати пејачи, актери, артисти.