Даглас Ингелбарт, изумителот на компјутерскиот „глушец“, на првиот сервис за размена на електронска пошта, и кој работел на развивањето на првите верзии на интернет мрежите, почина во средата на возраст од 88 години во сојузната американска држава Калифорнија, јави Assocaited Press, пренесува „Макфакс“.

За веста за смртта на овој надарен изумител, агенцијата се повикува на писмото на неговата ќерка до претставникот на калифорнискиот Музеј за компјутерска историја, чиј соработник последните години од животот бил Ингелбарт.

Најпознатиот изум на Даглас Ингелбарт е компјутерскиот „глушец“, уредот кој ги претвора механичките движења на корисникот во електронски сигнали за контрола на компјутерот. Ингелбарт го патентираше овој изум во 1970 година, но него го развивал во доцните 1960-тите.

Со идејата за управување на персонален компјутер преку механички движења во споменатиот период бил далеку пред своето време. Комерцијалната употреба на „глувчето“ започна дури во 1984 година, кога компанијата Apple изработи „глувче“ како еден од клучните елементи за својот нов компјутер Macintosh.

Вкупно во светот од средината на 1980-тите години досега се продадени милијарди уреди, но Ингелбарт не успеа да се збогати врз основа на авторските права, бидејќи во 1987 година истече рокот до кога тој ги поседуваше ексклузивните авторски права.

Ингелбарт, исто така, има значителен придонес и за развојот на други компјутерски и интернет технологии. Така, неговата лабораторија учествуваше во развивањето на мрежата на американската влада ARPANet, којашто стана предвесник на модерниот интернет.

OhridNews
извор:„Макфакс“