Славната холивудска актерка Фара Фосет позната по улогата во „Чарлиевите ангели“ почина денеска по тригодишна борба со ракот.
Таа за првпат откри дека боледува од рак во 2006г., а по една година објави дека ја победила болеста. Но следната година болеста повторно и се врати и таа отиде на алтернативен третман во Германија кој многу не и помогна. Од април оваа година беше лекувана во болница во Лос Анџелес.
Фара Фосет е родена на 2 февруари 1947г. во Тексас. Снимала реклами а својот прв филмски ангажман го имала во филмот Чарлиевите ангели. Во тоа време е објавен и нејзиниот постер во кој позира со црвен костим за капење, со широка блескава насмевка и прекрасна фризура. Откако постерот бил објавен во тираж од 12 милиони примероци нејзината фризура стана светски тренд. Контроверзи предизвика и во 1995 и во 1997 г. кога се сликаше гола за Плејбој, а беше веќе на возраст од 50 години.
Приказната е уште потажна затоа шо нејзиниот животен сопатник актерот Рајан О’Нил објави дека парот повторно ќе се венча оваа недела во моментот кога Фара ќе биде способна да го каже судбоносното „Да“. За жал тој момент никогаш нема да се случи. По смртта, Рајан О’Нил издаде соопштение дека „нивната сакана Фара почина по долгата борба со ракот“.