На 85 години на 29. март почина актерката Мушереф Прекиќ Лозана – Мишка, доајенката на македонскиот театар.
Таа во театарот на народностите во Скопје работеше во текот на целиот свој професионален живот, од 1955 до 1991 година, кога замина во пензија.
Улогите (над 100 различни улоги) во 40 годишниот работен стаж ги толкувала на сите јазици што се зборувале во државата (македонски, турски, албански, босански, српски и ромски јазик).
Во матичната куќа ги играла следните позначајни улоги: Стана, ќерката на Хаџи Тома („Коштана”, 1957); Дока („Зона Замфирова“, 1958); Назли, дадилката на Зејнеп (Алиш, 1958); Ката, жената на Хаџи Тома („Коштана“, 1965); Олси, мајката на Лу Ху („Изгубената принцеза“, 1966); Анѓа, жена му („Сомнително лице“, 1967); Каракуш („Налани“, 1967); Госпоѓа Ротермаер („Хај ди“, 1968); Мајката („Крвави свадби“, 1969); Ајше, вдовица („Цвеќарот Али“, 1970); Фатма, жената на Касим („Али баба и четириесет разбојници“, 1970); Исмет („Омер и Мерима“, 1971); Мајка Храброст („Мајка Храброст“, 1971); Пембе Ханума („Изгасната свеќа“, 1971); Мајката на Пинторовиќ („Хасанагиница“, 1979); Симка, жената на Агатон („Ужалена фамилија“, 1979); Г-ѓа Расколников („Злосторство и казна“, 1980); Зехра, мајката на Асие („Како да се спаси Асие“, 1996); Дока („Зона Замфирова, 1979); Емина („Лудата Емина“, 1984); Долорес („Јерма“, 1986); Леди Магбет („Магбет“, 1988) Капларот („Кавкаски круг со креда“, 1989); Мајка („Јунус Емре“, 1991); Елиф („Мајка Елиф“, 1992); Алтана („Тетовирани души”, 1994); Мајката на Мехмет („Ќелавиот Мехмет“, 1994); Енона (Федра, 1997); Арна, мајка на Максим („Р.Р.Р.“, 1999) и многу други.
Добитничка е на многубројни награди и признанија меѓу кои: награда за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогата на Капларот во претставата „Кавкаски круг со креда“ (Прилеп, 1988), награда „Актер на годината“ на ревијата „Екран“ (Скопје, 1989), награда за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 1998), награда за животно дело “Златен дедал” – Европска филмска академија ЕСРА (Скопје, 2012) и награда “13 Ноември” на Град Скопје од областа уметноста – за посебен придонес во популаризацијата на театарската уметност во град Скопје (Скопје, 2016).
Погребот ќе се одржи на 30.03.2019 (сабота) во 15:30 часот на градските гробишта Бутел во Скопје, додека комеморацијата во организација на Албанскиот театар и Турскиот театар ќе се одржи на 02.04.2019 (вторник) во 12:00 часот во Театар Комедија во Скопје.
OhridNews