На 66-годишна возраст почина Аки Рахимовски, пејачот на „Парни Ваљак“. Веста за неговата смрт беше објавена на официјалната фејсбук страна на групата.

Драги пријатели, со неопислива тага во нашите срца, ве известуваме дека денес, 22.01.2022 год. за секогаш заспа Аки Рахимовски – пишува во објавата.

Александар Рахимовски беше роден во Ниш, но за брзо време се преселува во Скопје. Неговиот татко бил музички професор со што на седум години тој започнал да учи во музичко училиште за клавир и пеење.

Како тинејџер бил член на неколку состави меѓу кои се групите “Вакуум”, “Крвна браќа” и “Тор” со кој настапил на фестивалот во Загреб во 1975 година. Во соработка со менаџерот Владимир Михаљек – Мих го формираат првиот состав на “Парни Ваљак”.

Се прослави како фронтмен на популарната група со која настапуваше повеќе од 30 години. По распадот, во 2009 година, бендот повторно се обедини и објави повратен албум.

Во текот на својата 30-годишна кариера, „Парни Ваљак“ има издадено 16 студиски албуми, 14 синглови, 5 албуми во живо, 4 компилации и 2 концертни ДВД.

Соработуваше и со нашите домашни ѕвезди, како Калиопи и Тоше Проески.

OhridNews