Академик Гане Тодоровски почина синоќа во Скопје на 81 годишна возраст, соопштија денеска од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Гане Тодоровски е роден во Скопје, на 11 мај 1929 година.

Тој беше македонски поет, преведувач, професор, есеист, литературен критичар, историчар и публицист.

Тодоровски завршил Филозофски факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје каде што и докторирал на темата “Веда Словена и нејзините мистификатори”.     Работел како новинар во Танјуг, “Млад борец” и “Студентски збор”. Бил долгогодишен професор по хрватска литература и македонска литература – 19 век на Филолошкиот факултет во Скопје.

Со литературна активност започнува да се занимава непосредно по ослободувањето, а претежно се занимава со поезија и препеви.

Има издадено повеќе збирки поезија.

Се занимавал и со критика и есеистика.

Бил уредник на литературните списанија: „Иднина”, „Современост”, „Културен живот”, „Млада литература”, „Разгледи” и други. Пишува и филмски сценарија, а дебитира со документарниот филм Проштевање (1963), како ко-сценарист.

Во 1951 година станува член на Друштвото на писателите на Македонија, а во два наврати (1969-1971 и 1985-1986) е и негов претседател.

Бил претседател и на Советот на Струшките вечери на поезијата (1970-1971) и одговорен уредник на списанието „Млада литература”.

Во 1990 година Тодоровски е избран за прв претседател на Движењето за семакедонска акција МААК, а подоцна е назначен за амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација.

За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1997.

Академик Тодоровски е добитник на повеќе признанија и награди: „11 Октомври“, „23 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“ – Струшки вечери на поезијата, „Ацо Шопов“ – ДПМ, „Димитар Митрев“ – ДПМ, „Кирил Пејчинович“ за преведувачки опус, Книжевно жезло и на голем број пофалници во земјава и во странство.

Заедничката комеморативна седница ќе се одржи во среда (26 мај) во МАНУ во 10:30 часот.

“Извор Макфакс“