Денеска во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ се одржа свечена церемонија по повод официјалното започнување на Заедничката операција на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија.
Полициските службеници од Република Северна Македонија и ФРОНТЕКС – Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража и денеска ја почнуваат заедничка операција на македонско-грчката граница. Над 100 европски гранични полициски службеници ќе работат заедно со нашата гранична полиција на надгледување и проверки на границата, патролирање и собирање информации за прекуграничниот криминал.
Република Северна Македонија е петтата држава надвор од Европската Унија која е домаќин на ваква заедничка операција, со прв потпишан договор во регионот на Западен Балкан согласно новиот, зајакнат мандат на ФРОНТЕКС.
На свечената церемонија со свои обраќања земаа учество претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како домаќин на церемонијата, ЕУ Амбасасодот Дејвид Гир, членот на Европскиот парламент Лена Дупонт, извршниот директор на Фронтекс Ханс Лајтенс и со видео обраќање ЕУ комесарот за внатрешни работи Илва Јохансон, но и други високи гости од Владата, дипломатскиот кор и европските институции.
Премиерот на Владата на Република Северна Македонија потенцираше дека овој настан е во духот на нашата цврста заложба и определба Република Северна Македонија, час поскоро да стане дел од пошироката европска заедница.
Горди сме како нација што овој Договор е прв потпишан договор со Европската унија на македонски јазик, без додавки, фусноти и ѕвездички, што е доказ за заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, коишто, со овој документ, се поставени на европско рамниште, заедно со сите други јазици и идентитети на земјите членки на ЕУ, истакна премиерот Ковачевски.
Во своето видео обраќање, Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, која заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во октомври минатата година беа потписници на Договорот со ФРОНТЕКС, истакна дека по повеќе од пет години планирање, конечно има полициски службеници од ФРОНТЕКС заедно со своите колеги од граничната полиција на Република Северна Македонија кои ќе обезбедат сигурност и ефективно менаџирање на границите.
Во изминатите години Република Северна Македонија ја покажа својата посветеност да ги спречи нелегалните гранични преминувања и да се бори со криминалните групи кои демнат во сенките, профитирајки од човечките катастрофи. Властите во Република Северна Македонија, посебно министерот Спасовски ги пресретнаа овие предизвици, задржувајќи ги заедничките вредности, осигурувајќи дека границите на државата се обезбедени, во хармонија со заштитеното достоинство на оние кои се обидуваат да ги преминат, рече Јохансон.
Ова е уште еден позитивен развој во односите помеѓу Европската Унија и Северна Македонија, истакна ЕУ Амбасадорот Гир.
Во пракса, благодарение на оваа заедничка соработка помеѓу ФРОНТЕКС и граничната полиција, границите на Република Северна Македонија ќе бидат побезбедни, а напорите на Европа за борба со илегалната миграција, криумчарењето мигранти и други криминални активности ќе бидат засилени, што е заеднички интерес на сите нас, додаде Гир.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како домаќин на церемонијата, потенцираше дека овој заеднички настан со ФРОНТЕКС испраќа една многу важна порака – дека не сме сами во справувањето со илегалната миграција, а современите безбедносни предизвици бараат партнерски пристап и заеднички одговор.
Зајакнувањето на соработката со Европската Унија и, воопшто, исполнувањето на приоритетите од европската агенда носат конкретен бенефит за нашите граѓани. Бидејќи нашата заедничка посветеност во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал неминовно ќе обезбеди поголема безбедност како за граѓаните на нашата држава, така и на Европската Унија. Во оваа заедничка акција чекориме заедно, како рамноправни партнери, бидејќи единствено со заеднички, координиран пристап можеме успешно да се справиме со глобалните предизвици, потенцираше министерот Спасовски.
За извршниот директор на ФРОНТЕКС, Ханс Лајтенс, денешниот ден претставува значајна позитивна пресвртница.
Операциите на ФРОНТЕКС првично ќе ја покриваат јужната граница со Република Грција. Подоцна е предвидено да се прошират така што се очекува да ги опфатат границите и со Република Србија и Република Албанија.
Полициските службеници од ФРОНТЕКС и од граничната полиција на Република Северна Македонија ќе учествуваат во заеднички тренинг активности за развој на капацитетите на гранична контрола преку размена на оперативни информации, професионално искуство и најдобри воспоставени практики, а ќе работат под команда и контрола на Граничната полиција на Република Северна Македонија.
OhridNews