Македонија би можела да добие охрабрувачки сигнали во врска со можното добивање датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ под одредени услови кон средината на следната година, произлегувало од нацрт заклучоците во коишто имала увид хрватската новинска агенција Хина, пренесува „Макфакс“.
„Со цел можно отворање пристапни договори со Поранешната Југословенска Република Македонија (FYROM) во јуни 2013 година, Советот ќе го проучи напредокот во спроведувањето на реформите во контекстот на Пристапниот дијалог на високо ниво, врз основа на извештајот кој Комисијата ќе го претстави во првата половина на 2013 година“, го цитира агенцијата делот од нацрт заклучоците кои се подготвуваат за Советот за општи работи кој ќе се одржи на 10-ти декември, вторник во Брисел.
Заклучоците се усогласуваат на ниво Комитетот на постојани претставници во Европската унија (COREPER).
Македонија којашто има статус на кандидат од декември 2005 година, поради спорот со Грција околу името не може да го добие датумот за почетокот на преговорите. Европската комисија последните три години даде препораки за отворањето на преговорите со Македонија, но поради противењето на Атина тоа не е сторено досега, потсетува и Hina.
Во нацрт заклучоците се истакнувала потребата итно да се најде заемно прифатливо решение за прашањето на официјалното име на Македонија.
Прашањата на проширување ќе се разговара идниот вторник на состанокот на Советот за општи работи, кој го сочинуваат министрите за надворешни работи или европски прашања на земјите членки.
Заклучоците од министерскиот совет ќе ги потврдат и шефовите на држави или влади на земјите членки на самитот што ќе се одржи на 13-ти и 14-ти декември. На декемврискиот самит, челниците на ЕУ традиционално носат заклучоци за проширувањето. На самитот не се очекува расправа, туку само примање до знаење на заклучоците коишто претходно ги усвоил Советот за општи работи.