МЗТ Скопје и Фени индустри, вечерва, ќе ја стартуваат финалната серија во плејофот, по која ќе го добиеме шампионот на Македонија за сезоната 2011/2012.

Првиот натпревар ќе се одигра во салата „Јане Сандански“, а домаќинот МЗТ, финалната серија против бранителот на трофејот ќе ја започне со предност од 1:0. МЗТ, во четирите меѓусебни соочувања, во основниот дел од првенството и натпреварите во Суперлигата забележа три победи. Титулата ќе ја освои екипата која прва ќе стигне до четири победи.

Фени Индустри е бранител на трофејот кој го освои лани со победата против Работнички во финалето, а претходно ги освои титулите и во сезоните 2009/10 и 2007/08. Кавадарчани веќе четири сезони по ред се дел од финалната серија. Од друга страна, МЗТ Скопје Аеродром оди кон својата прва титула во историјата, иако досега во историјата во шест наврати беше дел од финалните натпревари. Последен пат, МЗТ играше финале во сезоната 2003/04 кога загуби од Работнички во серијата со 4-1.

Пред стартот на финалната серија прашање е во каков состав ќе се појави Фени во „Јане Сандански“. Кавадарчани најавија дека е можно да настапат со младинскиот состав, откако и МЗТ и комесарот за натпревари го одбија нивното барање мечот да се одигра ден порано.

Фени ваквото барање го упати поради настапот на завршниот турнир во БИБЛ лигата кој ќе се одигра во Израел. Откако барањето им беше одбиено од редовите на Фени индустри најавија дека добро ќе размислат на кое натпреварување ќе му дадат приоритет.

Првиот финален натпревар помеѓу МЗТ и Фени индустри ќе започне во 18:30 часот.

“макфакс“
Ohridnews